fbpx

ДИК ќе разговара и за гласачите од Пустец и за дијаспората

-

Со еден час задоцнување, почна јавната седница на Државната изборна комисија, на која треба да се усвои извештајот за досегашната работа на Комисијата во врска со прочистување на избирачкиот список и да се најдат модалитети за понатамошната постапка.

Несoгласувањата помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во ДИК се виде уште на почетокот на седницата и преку различното толкување на претставените бројки.

За членот од СДСМ, Игор Милев, бројката од повеќе од 53.000 гласачи кои за МВР имаат основано живеалиште и со тоа можат да бидат гласачи, е спорна.

– Извештајот прво е спорен поради тоа што не е потпишан од техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, туку од дополнителникот заменик-министер Митко Чавков. Понатаму, во извештајот никаде не пишува дека тие гласачи имаат валиден документ за потврда на живеалиштата туку МВР нè известува дека такви лица во системот постојат – изјави Милев.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, му реплицираше на Милев и објасни дека Комисијата на некоја наредна седница ќе ги разгледува и овие податоци добиени од МВР.

Потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, предложи комисијата да разговара и за гласачите од Пустец, како и за повеќе од 124.000 лица кои се водат за неконзинстентни поради тоа што не се знае дали живеат во странство или се на привремена работа во друга држава.

За членот на ДПА во ДИК, Бенредин Ибраими, по овие две основи има најмалку спорни гласачи.

– Жителите од Пустец имаат лична карта и тие треба да постојат во избирачкиот список. Тука нема ништо спорно. Исто така не треба да се прави фама и од тие повеќе од 120.000 гласачи затоа што тоа се луѓе кои се државјани на Македонија, но моментално живеат и работат во странство. Да не се пумпаат работите и потоа во јавноста да излегуваат информации кои се невистинити – рече Ибраими.

Седницата на ДИК сè уште трае, а расправата се одвива во бурна и тензична атмосфера.

ДИК на денешната седница треба да го усвои извештајот од досегашната работа и да утврди начин како понатаму ќе постапува со повеќе од 40.000 гласачи кои анкетарите при теренската проверка не ги нашле дома.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...