Избирачкиот список од утре ќе биде ставен на јавен увид и во него има запишано 1.816.127 гласачи, а не се внесени 11.346 граѓани, беше соопштено на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) на која се разгледуваше извештајот за утврдување на состојбата со избирачкиот список за негово ставање на јавен увид за одржување на локалните избори на 15 октомври.

Најголемиот број од лицата кои не се внесени во списокот немаат живеалишта (7.107 ), дел се избришани од подрачните одделенија по основ на смрт, нераспределени има 1.418 лица, на 672 им е регистрирано поништено живеалиште итн.

„Јавниот увид започнува утре и сите граѓани кои што сметаат дека треба да бидат запишани, а не се во избирачкиот список, со важечка лична карта или патна исправа треба да отидат до нашите подрачни одделенија и да поднесат документи со кои може да се запишат“, изјави членот на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.

Членот на ДИК од СДСМ, Виолета Дума рече дека презентираните бројки не се конечни. Од ДИК велат дека по целокупното завршување на целата постапка за јавниот увид, тогаш веќе ќе се добијат точните податоци кои ќе бидат основ за формирање на избирачкиот список

Увидот во избирачкиот список ќе трае до 9 септември, а треба да биде заклучен на 24 септември.