fbpx

ДиЏовани од УНИЦЕФ: Што е потребно за да има услови секое дете да расте во семејна средина полна со љубов?

Северна Македонија се рангира на првите места кога станува збор за грижата за децата чии семејства од различни причини не можат да се грижат за нив или се одвоени од своите деца, но сега е време да се преземат следните чекори

-

Речиси половина милион деца во регионот на Европа и Централна Азија живеат во установи за згрижување, вклучително и големи институции и други установи како што се малите групни домови, се вели во новиот регионален извештај што денес го објави УНИЦЕФ.

Извештајот покажува дека стапката на деца кои живеат во установи за згрижување низ Европа и Централна Азија е двојно поголема од глобалниот просек, односно, 232 на 100.000 деца живеат во установи за згрижување во споредба со 105 на 100.000 деца на глобално ниво.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани денеска изјави дека Северна Македонија се рангира на првите места кога станува збор за грижата за децата чии семејства од различни причини не можат да се грижат за нив или се одвоени од своите деца.

„Земјата успеа да ги трансформира сите големи институции за деца и денес ниедно дете не е сместено во големи институции. Стапката на деца во други форми на згрижување е 24 на 100.000 деца, што е десет пати под регионалниот просек, и сите деца се згрижени во мали групни домови“, кажа ДиЏовани.

Според неа, напредокот на земјата е резултат на децениската посветеност на повеќе влади на реформите на деинституционализација и на зајакнувањето и инвестирањето во алтернативни начини на семејно згрижување.

Сега, 82 отсто од сите згрижени деца во државата добиваат семејна грижа, во згрижувачки семејства или преку роднинско згрижување, истакна ДиЏовани во својата изјава со која ја охрабрува државата да продолжи во позитивна насока и да овозможи секое дете да расте во поддржувачка семејна средина.

„И додека многу земји во Европа и Централна Азија треба да поминат долг пат пред да стават крај на наследеното институционално згрижување на децата, Северна Македонија има единствена можност да биде една од првите земји во регионот што ќе постигне секое дете да расте во семејна средина. Сите политички партии се подготвуваат за претстојните парламентарни избори. Сега е време да се преземат обврски за затворање на оваа незавршена агенда, за секое дете, денес и во иднина, да го ужива своето право да расте во семејна средина полна со љубов“, вели ДиЏовани.

Таа вели дека децата кои биле згрижени од државата од 2019 година се сместени во еден од шеснаесетте мали групни домови низ земјава и иако ваквите домови се подобра алтернатива од големите институции, сепак местото на детето е во семејна средина.

„Следните чекори треба да опфатат конкретни планови за постепено затворање на малите групни домови и секое дете згрижено од државата да биде сместено во алтернативни форми на семејно згрижување. За тоа да се постигне може да бидат потребни неколку години, но заложбите и работата треба да започнат сега. Во тој контекст, неопходни се инвестиции за зајакнување на сите форми на услуги од згрижувачи, вклучувајќи специјализирани згрижувачки семејства за деца во ризик, згрижувачки семејства за итни случаи и натамошно инвестирање во други форми на семејна грижа“, изјави ДиЏовани.

Конкретните планови опфаќаат инвестирање во превенција и поддршка на семејството преку воспоставување механизми за упатување на семејствата до најсоодветни услуги и грижа, како и поддршка за навремена идентификација и интервенција за децата во ризик, комплетна работна сила во социјалните служи, и услуги за поддршка на семејството за да се спречи непотребното одвојување на децата од семејството.

Според ДиЏовани, треба да се инвестира и во спроведување на националната стратегија за родителство, за сите родители, а особено за оние со комплексни проблеми, да ја добијат потребната поддршка за децата да растат во своја сопствена семејна средина.

„За жал, ќе има моменти кога нема да биде можно, нема да е безбедно или нема да биде во најдобар интерес на детето да живее со своето семејство, и затоа секогаш ќе има потреба од висококвалитетни алтернативни форми на семејно згрижување. Државата треба да обезбеди најдобриот интерес на децата да биде водилка во сите одлуки за децата. Притоа е важно да се зајакне процесот на посвојување за да биде усогласен со меѓународните стандарди и најдобриот интерес на детето. Потребни се промени како што е селекција на посвоителите, зголемување на максималната возраст на посвоителите, воведување опција згрижувачите да посвојат дете кое било долготрајно згрижено кај нив. Неопходна е заложба за усогласување со меѓународните стандарди и остварување на правото на децата да бидат информирани за нивното посвојување и да го знаат идентитетот на нивните биолошки родители, доколку сакаат“, изјави ДиЏовани.

Претставничката на УНИЦЕФ додаде дека има потреба од инвестирање и за да се подобри поддршката за лицата кои биле згрижени и почнуваат самостоен живот.

Таа кажа дека се неопходни и заложби за инвестирање во сеопфатна, заедничка акција на сите општествени фактори за инклузија на децата со попреченост во општеството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...