„Строг пост“ го издадоа својот деби албум: Свири како што сакаш, а не како што си замислил

„Строг пост“ е трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Тие свират во безброј други џез и импровизирачки состави меѓу кои се „Светлост“, „Taxi Consilium“, „Fighting Windmills“, „The Local Blue“ и многу други

Фото: Мета.мк

Составот „Строг пост“ го издаде својот истоимен деби албум. Тие го промовираа  издавањето на албумот на ЦД на 16 јануари во „Котур“ со експлозивен концерт, на кој вешто ја поканија публиката во својот разнолик и широк музички свет.

„Строг пост“ е трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани). Тие свират во безброј други џез и импровизирачки состави меѓу кои се „Светлост“, „Taxi Consilium“, „Fighting Windmills“, „The Local Blue“ и многу други.

На концертот можеа да се чујат влијанијата на стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост рок, џез, амбиент и многу други жанрови. Некои сегменти од музиката имаа и македонски народен призвук, но Букршлиев нè поправи дека тие моменти всушност биле инспирирани од клезмер, музичката традиција на Ашкенази Евреи во Централна Европа.

Но, пред сè во нивната музика се слуша заразна слобода на тројцата музичари кога едноставно свират заедно. Тие заедно влегуваат во тивки и гласни делови, секој во своја лента, но во иста насока.

„Никогаш не правам и не правиме музика која сме ја замислиле. Не седам дома и си замислувам дека вака или така ќе биде – туку носам некој дел, некој друг носи друг дел и после го правиме како што ни лежи на тројцата во бендот, оттука доаѓа специфичноста на музиката. Секогаш е колективна работа. Често ми се случува да дојдам со некој музичар со којшто не сме соработувале претходно и ми бара инструкции. Свири како што сакаш да свириш ти, тоа е тоа. Не гледам никогаш разлика во што било што правам, секогаш е до луѓето коишто сме се собрале“, вели Букршлиев за Мета.мк.

Тој истакнува дека личната експресија му е доволно водилка за да остане музички свеж низ годините.

„Само свири. Постоејќи низ годините, секако дека се менуваш. Како беше она – на секои 7-8 години сите клетки ти се менуваат, сакал-нејќел, ќе биде нешто ново кога правиш музика, нема некоја посебна филозофија“, објаснува Букршлиев.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)

Деби изданието на „Строг пост“ претставува и еден вид интердисциплинарна соработка. Албумот воедно е и првото музичко издание на „Аксиома“, асоцијација која организира интердисциплинарни и мултиуметнички културни настани и проекти, издава книги од областите на современата естетика, ремикс културата, критичките теории.

„Присуствував на три-четири свирки на ’Строг пост‘ и ги прашував кога ќе издаваат албум. Кога беше промоцијата на Филип Букршлиев Трио, Дени [од „Строг пост“] ми вика ‘ајде, ти издај го’, и велам ок, добро, ќе го издадам“, со насмевка објаснува Вангел Ноневски од „Аксиома“ за соработката со бендот.

„Аксиома“ долги години соработува со членовите на „Строг пост“, кои имаат изведувано на културните настани на „Аксиома“ во различни состави. Соработката им почнала во 2019 година на фестивалот „Омнибустопија“. Станува збор за мултимедијален фестивал кој се одржувал на движечки автобус од ЈСП, на кој имало читање поезија и академски излагања, како и настап од составот „Светлост“, трио во кое свират Новковски и Омергаиќ.

„Ако ги прашаш ’Светлост‘, тоа било за нив до тогаш најуспешна и најубава свирка којашто ја имале, со најубава, најенергична и најчудна атмосфера. Така што соработката со нив датира од тогаш“, се присетува Ноневски.

На следното издание на фестивалот свирел тапанарот Новковски со негов друг бенд „The Local Blue“. На третото издание свирел гитаристот Букршлиев со Такси Конзилиум, а на четвртото издание повторно свиреле Светлост, но заедно со култната скопска рап група „Чиста Околина“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Engage Kicks & Gigs (@radiomofmusic)


„Во рамките на овие кругови во коишто ние циркулираме се менуваат работи: луѓе се запознаваат меѓу себе, почнуваат да слушаат некои нови звуци коишто пред 6-7 години не постоеја во нашава средина, клупски свирки има сè повеќе и повеќе. Сцената поврзана со членовите на ’Строг пост‘, заедно со уште 10-15 други музичари, е повитална од кој било друг период во историјата на македонската џез музика. Ако тоа не е доволно причина да се помогне оваа музика, не гледам која би била друга“, заклучува Ноневски.

Целосниот албум ќе биде издаден на дигитални платформи наскоро, а до тогаш првите да сингла можат да се чујат овде и овде.