Џафери: Секој нормален пратеник ќе гласа за бришење на 5 јуни од Изборниот законик

Пратеникот и координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Талат Џафери денеска до Собранието поднесе предлог – измени на Изборниот законик со кои се бришат членовите во Законот каде што се напишани датумите за одржување на изборите.

Џафери за „Мета“ вели дека во предлог – измените на законот нема нов датум, бидејќи за тоа одлучуваат лидерите на партиите, а не тој.

– Оваа иницијатива произлегува од одлуката на Уставниот суд и времената мерка која ја донесе. Засега е битно да се избрише овој член кој се коси со денешната одлука на највисоката судска инстанца – изјави Џафери.

Координаторот на ДУИ вели дека оваа одлука ја донела партијата самоиницијативно, а не во координација со останатите политички партии.

На прашањето дали мисли дека останатите пратеници ќе ги поддржат измените, тој вели дека секој нормален пратеник тоа мора да го стори.