Парното во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје е во функција, а дефектот што се појавил во парноводната мрежа бил саниран уште минатата недела. Информацијата дека студентите се оставени без греење до денес и дека нема да се поправи парното не е точна, вели за Мета.мк директорот на Државниот студентски дом Скопје, под чија капа е и „Стив Наумов“, Виктор Велевски.
Наводи дека парното во овој дом не работи, вчера преку соопштение до медиумите изнесе е-адреса потпишана како „Студентска револуција“, без притоа да се наведе дали станува збор за некакво движење, група студенти или трети лица.
Во соопштението се тврди дека на студентите во „Стив Наумов“ им било кажано оти парното во втората ламела од единствената зграда во домот што сега е во функција „нема да биде поправено“.
Како „потврда“ за ваквите наводи, групата до медиумите достави принтскрин од нешто што наликува на преписка на апликацијата за пораки Вибер, при што изворот на информацијата дека „парното нема ни да се поправи“, наводно, е портир во домот.
„Неодамна добивме информација дека парното во студентскиот дом ‘Стив Наумов’ не работи, што влијае на условите за живот на нашите колеги студенти. Имено, на студентите станари во студентскиот дом ‘Стив Наумов’ им е кажано дека парното во втора ламела нема да биде поправено. Ова претставува значителен предизвик и проблем, особено кога се приближуваат постудените месеци“, се вели во поштата испратена до медиумите.
Соопштението на „Студентска револуција“ вчера, без да проверат дали изнесената информација во него е точна, го пренесоа повеќе медиуми, на што реагираше директорот на ДСД Скопје, Велевски.
„Ве замолувам да не се шират дезинформации и за прашања кои се однесуваат на студентските домови е коректно пред било каква објава да се исконтактира институцијата за која се објавува некоја вест. Точно е дека неколку денови немаше парно во ‘Стив Наумов’ поради дефект на парноводната мрежа. Истиот е саниран, а со тоа греењето во домот е во функција“, напиша вчера Велевски на Фејсбук.
Мета.мк утрово стапи во контакт со директорот на ДСД Скопје, кој потврди дека минатата недела навистина имало дефект во дистрибутивната мрежа, но дека истиот бил саниран во петокот.
„Имаше прокапување во парноводната мрежа и беше целата заменета. Тоа беше дефектот, а парното не функционираше два дена – во среда и четврток. Во петок веќе беше пуштено во функција и оттогаш си работи“, рече Велевски.
Тој вели дека изјава на „портир“ за функционирањето на парното не може да се смета за релевантна затоа што не е во доменот на неговата работа и дека зградата во „Стив Наумов“ има управник кој е одговорен за вакви и слични дефекти во домот.
„Кога на Студентска револуција им треба нешто, го знаат мојот број, знаат каде да ме најдат, да ме прашаат за што било. А кога сакаат да направат од ништо – нешто, тогаш го прашуваат портирот“, вели Велевски.
Задоцнетата информација и лажниот аларм од „Студентска револуција“ дека парното нема да се поправи отвораат сомнежи за намерите на одредени групи да предизвикаат револт меѓу студентите.
Уште повеќе, ова не е првпат периодов да се изнесат дезинформации поврзани со функционирањето на студентскиот дом „Стив Наумов“. Минатата недела, до редакцијата на Мета.мк пристигна фотографија од лажно известување поставено во домот на кое пишува: „Од 18.11.2023 година, мензата за викенди нема да работи“.
Станува збор за лага, бидејќи мензата во „Стив Наумов“ изминатиов викенд работеше со полно работно време. Велевски вели дека е запознаен со обидите да се шират лаги меѓу студентите, но не сакаше да коментира која група стои зад нив.
„Луѓето што работат во Стив Наумов – и тие во мензата, но и целиот тим на ДСД Скопје – се бориме да правиме што е можно повеќе, а некој шири лаги“, рече Велевски.
Од трите згради, во моментов во „Стив Наумов“ функционира само една, покрај бараките. Двете затворени згради чекаат да бидат реновирани за да може во нив да се сместат студенти.