fbpx

Денеска се одлучува за судбината на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж

Адвокатите на Асанж се обидуваат да ја оспорат одлуката за екстрадиција на дводневното рочиште пред двајца судии во Високиот суд во Лондон, каде Асанж може да ја добие последната шанса да ја запре екстрадицијата пред британските судови

-

Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, 52-годишен компјутерски експерт од Австралија, е пред вториот ден во Високиот суд во Лондон како дел од долгогодишната битка против екстрадицијата во САД, каде што е обвинет за оддавање доверливи воени тајни.

Основачот на Викиликс е баран од американските власти поради наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана, по објавувањето на стотици илјади протечени документи поврзани со војните во Авганистан и во Ирак. Американските обвинители сакаат да му судат на Асанж по 18 точки поврзани со неговото објавување на огромен број доверливи американски воени и дипломатски извештаи преку Викиликс.

Неговите адвокати тврдат дека доколку тој биде екстрадиран, ќе се соочи со „флагрантно негирање на правдата“ од страна на судиите кои имаат предрасуди и дека е кривично гонет за „нормална новинарска практика“.

Обвинителите, пак, тврдат дека тој заговарал со аналитичарката за разузнавање на американската армија, Челзи Менинг, да хакира компјутер на Пентагон и да објави тајни дипломатски телеграми и воени досиеја за војните во Ирак и во Авганистан.

Според сето ова, Асанж се соочува со 17 точки од обвинението за шпионажа и едно обвинение за злоупотреба на компјутер. Доколку тој биде прогласен за виновен, неговите адвокати велат дека тој би можел да добие затворска казна до 175 години, иако американските власти изјавуваат дека секоја казна веројатно ќе биде многу помала.

Асанж и неговите поддржувачи тврдат дека тој дејствувал како новинар за да ги разоткрие неправилностите на американската војска и дека е заштитен со слободата на медиумите, загарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД.

Меѓу досиејата објавени од Викиликс беше и видео од нападот со хеликоптер во 2007 година од страна на американските сили во Багдад, во кој загинаа 11 лица, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.

Асанж вчера не дојде во судот. Судијката Викторија Шарп рече дека му било дозволено да го напушти затворот Белмарш во југоисточен Лондон за сослушувањето, но тој одлучил да не присуствува, бидејќи не се чувствувал добро.

Основачот на Викиликс е ограничен во движењето речиси 14 години. Сè започна кога шведските власти издадоа налог за апсење на Асанж во 2010 година, додека истражуваа наводи за силување против него додека тој беше во земјата и побараа од Велика Британија негова екстрадиција. Тој беше уапсен од британската полиција и откако ја изгуби жалбата против екстрадицијата, побара азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, тврдејќи дека шведскиот случај ќе го доведе до испраќање во САД. Тој помина седум години во амбасадата на Еквадор, пред да биде екстрадиран и затворен во 2019 година поради прекршување на условите за негово ослободување. Оттогаш, тој е во најстрогиот затвор во југоисточен Лондон, каде и се ожени.

Неговите адвокати сега се обидуваат да ја оспорат одлуката за екстрадиција на дводневното рочиште пред двајца судии во Високиот суд во Лондон, каде Асанж може да ја добие последната шанса да ја запре екстрадицијата пред британските судови. Неговата сопруга Стела минатата недела изјави дека се работи за живот и смрт.

„Неговиот живот е загрозен со секој ден поминат во затвор“, изјави Стела Асанж додавајќи:

„Ако биде екстрадиран, тој ќе умре“.

Адвокатите на Асанж се бранат со тврдења дека неговиот прогон е политички мотивиран и дека тоа е недозволен напад на слободата на говорот. Асанж е поддржан од Амнести интернешенел, Репортери без граници, медиумски организации кои соработуваа со Викиликс и австралиски политичари, како премиерот Ентони Албанес, кој минатата недела гласаше за предлогот за враќање на Асанж во Австралија.

Вчера, на првиот ден од сослушувањето во Кралскиот суд на правдата присуствуваа голем број новинари, а се собраа и многу поддржувачи пред судот во центарот на Лондон од 8 часот наутро.

„Џулијан е обвинет за примање, поседување и доставување информации до јавноста за докази за воени злосторства извршени од страна на американската влада“, рече Стела Асанж.

„Известувањето за кривично дело никогаш не може да претставува кривично дело“, додаде таа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...