fbpx

Денеска е Духовден, празник на основањето на Христијанската црква

-

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 18 мај.

Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква

Духовден е христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и формирањето на Црквата. На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух (Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото) што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се одалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.

На овој ден Христовите апостоли беа облечени со силата на Светиот Дух и комплетно оспособени да бидат Христовото тело на Земјата. На овој ден апостолите, од здружение на граѓани, откако го примија Светиот Дух, беа трансформирани во Христова Црква.

На овој ден апостолите беа трансформирани од едни збунети и уплашени Христови ученици, во вешти, до смрт лојални и храбри Христови проповедници, со исклучителна јасност и длабоко разбирање на Христовата евангелска порака. На овој ден, по Петровата проповед, се крстија околу 3.000 души и славно беше формирана првата Христијанска Црква. Затоа овој ден е наречен Роденденот на Христовата Црква.

Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Овој ден меѓу народот е познат и под името Мртва сабота.

Овој ден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница се единствените што имаат основа во Стариот завет. Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.

Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

Празникот Духовден спаѓа во дванаесетте големи христијански празници и е последниот празник од Божјиот домострој. Христовото вочовечување за цел ја имаше победата над смртта и доаѓањето на Пресветиот Дух во срцето на луѓето. Впрочем, познато е дека цел на црковниот и на духовниот живот е да станеме членови на телото Христово и да Го примиме Светиот Дух. Овие две нешта се нераскинливо поврзани.

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во некои места се изведува и обичајот Скрсти, со кој се моли за дожд и за родна година.

Во народното верување овој празник најмногу се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече „Христос воскресе“ на Велигден се отворале вратите на рајот и на пеколот и душите христијански летнувале по небото и најмногу застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале, па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб, ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.

А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. А кога ќе дојдел овој празник, како што запишал Марко Цепенков, „веќе ќе и спотераат анѓелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. И Е.Спространов запишал дека на овој ден, затоа што тогаш се затвора рајот, мртвите ги мамеле со ореова гранка. Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден, треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци.

На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто „задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...