Нов фрагмент од живопис од трослојно сликарство бил откриен при активностите за реставрација и конзервација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во тетовското село Лешок. Новооткриениот трет слој живопис се наоѓа во олтарот, во долната зона, под слојот од 17. век, и се работи за фигура на архијереј во цел раст на свиток во раката.
Конзерваторскиот проект за ѕидното сликарство во оваа црква го реализирале стручни екипи од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, а се одвивал етапно – изминатите три години, со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Со истражувачките активности беа потврдени двете претходно евидентирани фази на живописот од 19. век и 17. век, а за најстариот, трет слој живопис постоеја само посредни, пишани извори, велат од Министерството за култура.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, при денешната посета на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешок, го поздрави откритието на конзерваторите и ја нагласи важноста од развивањето и унапредувањето на конзерваторската дејност во нашата држава. Таа информираше дека заштитата на оваа црква изминатите пет години е издвоена како приоритет во програмата на Владата, а надлежната установа – Националниот конзерваторски центар – Скопје, извршил препокривање и архитектонска консолидација на објектот.
„Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Од особена важност е и нашите национални установи успешно да ги реализираат одобрените проекти… Годинава за заштитата на културното наследство беа издвоени 164 милиони денари. Како Министерство за култура, не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни институции. Заштитата е скапа работа, а стручниот кадар е дефицитарен. Мора да работиме и во оваа насока“, рече министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.
Конзерваторите велат дека точниот период на новооткриениот слој ќе го соопштат историчарите на уметноста.
Конзерваторот Владо Мукоски рече дека живописот од 17. век ќе биде поставен на носач, за да може да се поместува и да се види постариот слој под него. Тој ја нагласи важноста на откриеното трослојно сликарство и додаде дека методите кои ги применуваат се навистина иновативни, со тоа што ќе бидат презентирани и живописите и од 17. и од 19. век.
Живописот на олтарот и нартексот е од 19. век. Во олтарот тој е нанесен врз постари живописи, така што се гледаат три слоја. Живописот од 17. век во себе содржи елементи од класична византиска уметност од 14. век и белези на барокот.
Во црквата има и иконостас кој е изработен во 1879 година од галичанецот Михаил Ѓурчинов.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во Полог.