fbpx

Демонстрантите порачаа: Нема да запреме додека не си замине владата на Груевски

-

Со свирежи и со извици „Нема правда, нема мир“, „Готов е“, „Долу диктатура“, „Николче диктаторче“, „Заедно сме посилни“, неколку стотини граѓани и денеска излегоа на мирен протест, на кој повторно побараа колективна оставка од премиерот Никола Груевски и од неговата влада.

Протестите, кои се одвиваат веќе втора недела, почнаа на раскрсницата пред зградата на Владата. Откако полицијата ги спречи да стигнат пред Владата, демонстрантите се упатија кон Основниот суд Скопје 1.

Движејќи се со транспарентот „Збогум Никола“ по булеварот Партизански одреди, демонстрантите извикуваа „Оставка, оставка“, а пред судот побараа ослободување на притворените студенти.

– Не случајно сме тука, пред судот. Не сме ги заборавиле нашите другари, политички затвореници. Нема да се повлечеме додека не ги ослободат – рече пред насобраната маса Дејан Лутовски од здружението „Ленка“.

По искажаното незадоволство, демонстрантите мирно се упатија пред Собранието, каде на барикадите ги закачија транспарентите „Збогум Никола“ и „Протестирам#“ и извикувајќи „Готово е“ и „Оставка“, побараа Груевски и владата да си заминат.

– Зошто не се откажуваме? Затоа што три оставки не се доволни. Затоа што Груевски ги има пуштено пипалата во сите институции. Ништо не е и претседателот на државата. Ништо не прави без Груевски да му рече. Груевски го контролира и судот. Не прават ништо без да каже шефот. Кој слушнал за антикорупциска? Антикорупциска што правиме со мерцедесот? Народот нема леб да јаде, а тој се вози во автомобил од 600.000 евра. Каков синдикалец е Живко Митревски? По ќефот на диктаторот. Ја штити власта од работниците. Нашата борба продолжува до оставка на Никола Груевски – порача пред Собранието Здравко Савески од здружението „Солидарност“.

Мариглен Демири од „Солидарност“ им порача на сите што ќе дојдат на власт, дека „ќе го кркаат ако планираат да ги корумпираат институциите“. Тој најпрво се обрати на македонски јазик и ги повика и граѓаните од албанска националност да се придружат на протестите бидејќи го трпат истите неправди. Демири, потоа го кажа истото и на албански, притоа повикувајќи ги и другите националности да се приклучат кон протестот. По неговото обраќање следеа извици „Заедно сме посилни“.

Новинарот и активист Огнен Јанески побара оставка и од министерот за здравство Никола Тодоров, потсетувајќи дека денеска е 95. ден од смртта на малата Тамара Димовска.

– Немаат 30.000 евра за Тамара, а имаат 100.000 евра за гаќите на Прометеј! Немаат пари за Тамара, а имаат за мерцедес од 600.000 евра. Кога ќе ѝ пресечеш една глава на хидрата, ѝ расте друга, затоа целата хидра мора да си замине – рече Јанески.

Протестот заврши со пораката „Секој ден во шест“ и со песната на САФ, „Скопска ситуација“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...