fbpx

Дејан Паноски: Деструктивни елементи го уништуваат остатокот од Студенчишко блато

-

Денешниот ден, 2 февруари, со одлука на Меѓународната конференција во Рамсар од 1971 година, е прогласен за Меѓународен ден на водните живеалишта (мочуришни предели, блата) кои добија значење, важност и утврдена вредност. Оваа 2015 година мотото на овој ден е „Мочуриштата за наша иднина“.

– Светот навреме ја увидел и прифатил важноста на овие природни предели затоа што мочуриштата (блатата) се места од кои светот се снабдува со чиста вода, дека се филтер и чистач на водите, дека се живеалишта на броен жив свет, дека се природна одбрана од непогоди и од поплави и дека се заштита на крајбрежјето на водените басени. Денес се тие и туристички важни дестинации – вели Дејан Паноски од Билетаралниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро.

Паноски додава дека околу Охридско Езеро немаме уште многу од овие важни природни филтри. Напротив, со години сме ги уништувале и демолирале, предводени од деструктивни елементи. Но, имаме еден значаен остаток од Студенчишко блато, кое сè уште ги има сите погоре набројани елементи во важноста на еден ваков природен феномен. И, без двоумење, би требало тој остаток да го ревитализираме, да го оживееме и да го ставиме во функција.

– Лично преку мојата работа во Билатералниот секретаријат за сливот на Охридско Езеро направивме сè што е во наша моќ да поткренеме кампања, да направиме еден показен проект, да обезбедиме и меѓународни средства за конкретна реставрација на остатокот од блатото. Деструктивните елементи не нè разбраа – опоменува Паноски.

Во контекст на сето она што се случува околу охридското блато, Паноски ја цитира изјавата на генералниот секретар на Рамсарската конвенција, Кристофер Бригс, кој по повод денот на мочуриштата вели: „Блатата се, исто така, и дел од нашата емоционална историја. Сме ја минале младоста низ блатата, фаќајќи риби и забавувајќи се, враќајќи се притоа дома секој ден со изводенети алишта и обувки полни со вода. Оттогаш јас сум со мочуриштата, низ цел живот уживајќи во нив“.

На Студенчишкото блато се деградарани доста делови, но тоа во голем дел сè уште постои и тој останат дел мора да се сочува и да се реставрира. Тоа и македонската наука го побарала преку студија за ревитализација на Студенчишкото блато. Но, додека светот има кампања „Мочуриштата за наша иднина“, кај нас, во градот кој би требало да е најеколошки, имаме кампања против екологијата и екологистите.

– Горди сме и горделиви што го имаме езерото пред очите на другите. Имаме езеро кое сакаме да го сочуваме, имаме град кој сакаме да напредува, имаме вредности кои сакаме да ги покажуваме. А, убедливо, над сето тоа, покажуваме неверојатна деструктивност во нас, кон себеси, кон своето. Онака, без емоционална историја во себе и без логичка иднина пред себе – опоменува Дејан Паноски.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...