Децата премногу време се пред екран – родителите признаваат и се правдаат

Тинејџерите меѓу 14 и 17 години поминуваат и до 15 часа неделно пред екраните - додека нешто помалку од девет часа издвојуваат, на пример, за спорт

Image by Mircea - All in collections from Pixabay

Без разлика дали станува збор за телефон, таблет или компјутер – децата во Германија премногу време поминуваат пред екраните. Родителите тоа го признаваат и наведуваат дека поради тоа ги мачи совеста, но и се обидуваат да го прикријат вистинското време кое децата го поминуваат со дигиталните медиуми, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Грижа на совеста за препуштањето на децата на виртуелниот свет често или понекогаш чувствуваат 61 отсто од родителите кои учествувале во анкетата на Пронова БКК.

Нешто помалку, или 59 отсто од нив, стравуваат дека на децата им дозволуваат предолго време или премногу често да бидат со своите дигитални љубимци, пишуваат весниците на медиумската група Функе.

Повеќе од половина признале дека премногу ретко како родители се со децата за да можат да ги контролираат. Дури 52 отсто рекле дека чувствуваат вина, бидејќи често или понекогаш дозволуваат своите деца да користат дигитални медиуми само „за да ги смират“.

Истражувањето било спроведено во јули годинава и опфатило 1.000 лица во Германија од над 18-годишна возраст со најмалку едно малолетно дете.

Децата и тинејџерите од 10 и повеќе години, наведуваат родителите, најмногу слободно време поминуваат со електронските уреди.

Тинејџерите меѓу 14 и 17 години поминуваат и до 15 часа неделно пред екраните – додека нешто помалку од девет часа издвојуваат, на пример, за спорт.

Анкетите меѓу децата покажуваат дека реалноста всушност e уште полоша.

Родителите се склони во своите одговори да наведуваат пократко време од она кое децата навистина го поминуваат пред екраните, изјави социјалниот педагог Клеменс Бајзел.