Дебата на ИДУЕП: Младите се веќе во ЕУ, властите да најдат начини да ги вклучат во ЕУ интеграцијата

Младите можат многу да придонесат во промената на општеството и системот, но затоа е значајна поддршката од сите оние кои ги спроведуваат политиките - беше истакнато на дебатата

фото: Институт за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП)

Потребна е вистинска и поголема вклученост на младите во процесите на одлучување на сите нивоа на власта, како и во креирање на јавни политики, особено како дел од процесот на пристапување кон ЕУ. Ова беа заклучоците од втората дебата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) насловена „Младите се во ЕУ“ како дел од иницијативата „Македонскиот евроинтеграциски пат – Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.

Пратеничката и координаторка на Клубот за млади пратеници во Собранието, Моника Зајкова истакна дека немаме само ние како земја бенефит од членството во ЕУ, туку со интеграцијата, и Унијата го користи нашиот потенцијал.

„Ќе го споделам моето конкретно позитивно искуство од учеството во различни европски проекти и размени за млади, но и само една од конкретните иницијативи кои тогаш ги дадовме, а денес веќе стана реалност – намалување на трошоците за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан за 30 проценти. Токму затоа, лично јас, но и сите пратеници од Клубот на млади пратеници ги очекуваме со нетрпение вашите конкретни иницијативи со цел да дадеме поддршка и конкретен придонес за нивно спроведување“, рече Зајкова.

Директорот на CFE Tax Advisers Europe (Европска асоцијација на даночни советници) со седиште во Брисел кажа дека е факт оти како држава имаме изгубено многу луѓе кои побарале и се одлучиле на подобар живот надвор од својата земја.

„Практично, преку овие проекти се обидуваме да дадеме директна шанса за вклученост на младите, да имаат тие своја улога во целиот процес. Пример, преку посети на Брисел, различни идеи за активности и проекти за кои дискутиравме на оваа и на претходната средба со младите луѓе кои сакаат да бидат вклучени во процесите преку невладините организации“, рече Ивановски.

Комуникологот и претседател на ИДУЕП Бојан Кордалов нагласи оти од неизмерна важност за општеството е сите политички партии, независно од разликите во идеологијата и активностите, да бидат обединети за младите луѓе.

„Секогаш кога се зборува за младите луѓе, нивниот стандард, нивната перспектива тие да бидат ставени во средиштето и да им се даде шанса да ги креираат политиките… Анкетите покажуваат дека мотивацијата и желбата кај младите да учат и стекнат работно искуство во некоја од земјите од ЕУ е огромна што е за поздравување, но она што загрижува е дека бројот на млади кои би сакале да се вратат дома и понатаму е многу мал, односно речиси незабележителен“, рече Кордалов.

Досегашната студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и активистка Викторија Постоловска истакна оти меѓусебната соработка на различните општествени фактори е клучна за да се допре до младите, меѓутоа, на крајот, токму младите се тие кои треба да го препознаат ова и да работат во насока на одлучување и креирање на општеството.

Досегашниот претседател на ФСС на Економскиот факултет при УКИМ Александар Николовски изрази уверување дека младите можат многу да придонесат во промената на општеството и системот, но затоа е значајна поддршката од сите оние кои ги спроведуваат политиките.

На дебатата беа отворени и други теми поврзани со потребата од поголема вклученост на младите луѓе во процесите на одлучување на сите нивоа на власта, како и во креирањето на јавни политики на централно и локално ниво, македонскиот евроинтеграциски процес вклучително и предизвиците и следните чекори на овој план, со фокус на позитивните пракси и искуства од земјите-членки на ЕУ од регионот, колку европската интеграција и членството во ЕУ и НАТО може да влијае на запирање или намалување на процесите на иселување, особено на младите луѓе.

Како дел од иницијативите и проектите кои заеднички ќе се иницираат во следниот период беа споменати: „ЕУ менторство за млади луѓе“, активација на поголем број млади луѓе преку младинските организации со конкретен придонес во евроатлантските интеграции, зајакнување на процесот на дигитализација преку црпење на европски искуства, намалување на процедурите и укинување на давачките за млади луѓе да отворат и отпочнат свои бизниси, потенцирање на придобивките за младите и бизнисите од македонското членство во НАТО, зголемена културна понуда и размена младински културни иницијативи од ЕУ, намалување на дневната партиска политика и фокусирање на младите и нивните барања од страна на институциите и политичарите, вклучување на младите во заклучоците од „Жан Моне“ дијалогот, иницијатива за повеќе младински медиумски активности.