Дали „Тредс” ќе успее да ги задржи своите корисници?

Фирми кои се занимаваат со анализа на податоци велат дека креирањето на профили и времето поминато на платформата се намалуваат

фото: Threads

Со 100 милиони корисници собрани во првите неколку денови од постоењето на новата социјална мрежа Тредс, сопственикот на „Мета“ – Марк Закерберг вели дека бројот на корисници ги надминал очекувањата, пренесе Би-би-си.

Сега се наметнува прашањето дали социјалната мрежа ќе може да ги задржи корисниците.

Фирми кои се занимаваат со анализа на податоци велат дека креирањето на профили и времето поминато на платформата се намалуваат.

Закерберг изјави дека првичниот успех ги изненадил раководните лица и дека забележуваат секојдневно враќање на повеќе луѓе отколку што било очекувано.

„Имаме многу работа да завршиме за навистина Тредс да го достигне својот целосен потенцијал“, рече тој.

„Мета“, матичната компанија на Фејсбук, Инстаграм и Ватсап, објави пораст на продажбата на реклами и солиден раст на корисниците со 3,07 милијарди луѓе глобално кои активно ги користат нивните апликации секојдневно.

Добивките сугерираат дека „Мета“ излегува од минатогодишниот пад, кога продажбата на реклами падна во услови на зголемена конкуренција и општата економска слабост.

Компанијата соопшти дека заработила 32 милијарди долари од рекламна продажба во периодот од април до јуни, што е за 11 проценти повеќе од претходната година. Ова е подобар резултат од очекувањата на аналитичарите. „Мета“ вработила околу 71.000 луѓе на крајот на јуни, што е за 14 отсто помалку од претходната година.

„Доста оптимизам има кога станува збор за Мета во моментов“, вели за Би-би-си аналитичарката Дебра Ахо Вилијамсон.

Таа додава дека компанијата сè уште мора да „плови“ низ слабиот пазар за рекламирање и тешката конкуренција во рекламирањето и вештачката интелигенција.