fbpx

Црногорскиот парламент избира претседател, на потег избор и на просрпска влада

Андрија Мандиќ во својата досегашна кариера остана познат како црногорски политичар кој се противеше на членството на Црна Гора во НАТО, на признавањето на Косово и се залагаше за укинувањето на црногорските санкции кон Русија по воената инвазија врз Украина. Мандиќ е близок со српскиот претседател Александар Вучиќ

-

По бројни мачни месеци на преговори за формирање на парламентарно мнозинство, црногорскиот Парламент на денешната конститутивна седница го бира новиот претседател на законодавниот дом како чекор пред формирањето на нова влада. За собраниски спикер е предложен Андрија Мандиќ, кој важи за просрпски и проруски човек и беше лидер на коалицијата „За иднината на Црна Гора“ на последните парламентарни избори, пренесува Побједа.

Група од 18 црногорски пратеници го предложи за претседател на црногорскиот Парламент. Предлогот за кандидатура на Мандиќ го образложи претседателот на Демократската народна партија, Милан Кнежевиќ.

„Основната црта на неговата човечка биографија е да направи човечки компромис за добробит на заедницата и луѓето. Имаше Андрија Мандиќ можности да потклекне и да ги издаде своите уверенија… за станови, стипендии…“, изјави Кнежевиќ.

Опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) денеска даде драматични изјави дека Андрија Мандиќ не ја признава независноста на Црна Гора и дека никогаш не ги признал резултатите од референдумот за независноста на оваа земја. Вршителот на должност претседател на ДПС, Даниел Живковиќ изјави дека со изборот на Мандиќ за претседател на парламентот се менува карактерот на Црна Гора, а главната одговорност за тоа ќе ја имаат пратениците што ќе го изберат него.

„Очекував денес да биде празник на демократијата и да избереме некој кој себе се вградил во темелите на независна Црна Гора, кој го почитува Уставот на Црна Гора, кој во своето дејствување влијаел на тоа Црна Гора да се насочи кон евроатлантските вредности и да ја отвори својата европска перспектива. Ние суштински денес немаме празник на демокатијата. Денес треба да избере горд четнички војвода“, изјави Даниел Живковиќ.

Инаку, Мандиќ во својата досегашна кариера остана познат како црногорски политичар кој се противеше на членството на Црна Гора во НАТО, на признавањето на Косово и се залагаше за укинувањето на црногорските санкции кон Русија по воената инвазија врз Украина. Мандиќ е близок со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Се очекува Андрија Мандиќ да биде избран за спикер на црногорскиот парламент, што беше услов неговата коалиција „За иднината на Црна Гора“ да го поддржи формирањето на парламентарно мнозинство и на идната црногорска влада.

По гласањето за парламентарен спикер, очекувањата се да се гласа и за изборот на новата црногорска влада, чиј мандатар е Милојко Спајиќ од Движењето Европа сега. Ова движење се очекува да биде предводник на идната влада, но во неа ќе бидат вклучени и коалицијата „За иднината на Црна Гора“, партијата Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ, Социјалистичката народна партија, Албанскиот форум и Албанската алијанса.

Вонредните парламентарни избори во Црна Гора се одржаа на 11 јуни 2023 година, а  изминативе четири месеци беа мачен период со многубројни преговори за формирање на идната влада. Поради шареноликиот карактер на партиите од идната влада, очекувањата се Црна Гора и во претстојниот период да минува низ турбулентен период.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...