Четири средни училишта добија награда за „Најдобар бизнис концепт 2022 година“

Извор на фотографија: УНИЦЕФ

Центарот за извонредност на стручно образование и обука на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје“ награди четири средни училишта со наградата за „Најдобар бизнис концепт 2022 година“. Првото место го освои тимот на СУГС „Никола Карев“ од Скопје со концептот „Нов иновативен систем за наводнување“, кој доби и парична награда од 110.000 денари. На второто место е тимот на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола со проектот „3Д фабрика“, кој беше награден и со 50.000 денари. Третото место го поделија тимовите на СУГС „Јосип Броз Тито“ од Скопје со проектот „Паметно решение за паркинг“ и тимот на СЕПУГС „Арсениј Јовков“ од Скопје со концептот „Еколошки торби“. Овие два тима ќе добијат по 20.000 денари.

Од Центарот велат дека е за поздравување фактот што повеќе од 80 проценти од предложените бизнис концепти во финалниот дел од натпреварот, во кој учествувале 16 тимови од средните училишта од осум градови од нашата држава, се базираат на идеи кои ја помагаат зелената транзиција.

Натпреварот се организира од 2006 година со цел да ги мотивира средношколците да усвојуваат стручни вештини кои ќе ги искористат за развивање на бизнис концепти, со ориентација кон зелена и циркуларна економија.