Министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар денеска е во официјална посета на Скопје, како прв министер за одбрана од земја-членка на НАТО што претстојува во македонскиот главен град по нашето зачленување во Алијансата. Заедно со министерот за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, тој го потпиша Меморандумот за разбирање и техничка соработка меѓу двете земји, што предвидува модернизација на четири хеликоптери на АРМ и МВР од руско производство во чешко државно претпријатие.
Чешкиот министер Метнар рече дека му е драго што нашата земја ја одбрала Чешката Република за поправка и модернизација на хеликоптерите, при што истакна дека тие имаат долга историја во оваа област, но и даде уверување дека дипломатската криза меѓу Република Чешка и Руската Федерација нема да има влијание во реализацијата на овој проект.
Тој појасни дека чешката влада одобрила финансиски средства за помош на Северна Македонија во областа на опрема против хемиска заштита, а други средства ќе бидат обезбедени во однос на заштитата на тајните информации според стандардите на НАТО.
Министерката Радмила Шекеринска пак рече дека до нејзиниот чешки колега упатила две покани, едната за учество на чешки вооружени сили во воени вежби на полигонот Криволак. Втората покана е за заедничко користење на центарот за односи со јавност во Скопје, којшто во иднина нашето Министерство за одбрана планира да го трансформира во центар за борба против лажните вести.
Чешкиот министер за одбрана повтори дека неговата земја го поддржува влезот на Северна Македонија во ЕУ. Тој додаде дека не ги споделува идеите за историската позиција на Бугарија, но и ги понуди чешките искуства и помош за земјава во насока на решавање на спорот со Бугарија.
Во однос на бугарската блокада за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, министерката Шекеринска рече дека отсуството на политичка влада во Бугарија е фактор којшто ќе влијае на процесите, но ние не можеме да чекаме изборите да поминат. Таа дополни дека избори на Балканот постојано има, но таа се надева дека час поскоро Бугарија ќе биде подготвена за да се најде решение за спорот.