Генерал Стефан Јанев ќе ја предводи техничката влада на Бугарија, дипломатот од кариера Светлан Стоев на местото на Захариева

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска за премиер на новата техничка влада го назначи генералот Стефан Јанев. На местото министер за надворешни работи, што досега го пополнуваше Екатерина Захариева, ќе настапи дипломатот од кариера Светлан Стоев.

Радев ја назначи техничката влада по трите неуспеха на ГЕРБ/СДС, „Има таков народ“ и БСП по парламентарните избори на 4 април да формираат влада. Бугарскиот претседател исто така ги распиша новите парламентарни избори за 11 јули годинава, а утре со указ ќе го распушти парламентот.

На функцијата министер за одбрана, која досега ја вршеше ултранационалистот Красимир Каракачанов, претседател на ВМРО-БНД, ќе дојде Георги Панајотов.

Генералот во резерва Стефан Јанев, новиот премиер на Бугарија, е 31 година воено лице, а од 10 мај 2017 година е секретар за безбедност и одбрана на бугарскиот претседател, пишува Дневник.бг.

Во техничката влада на Огњан Герџиков, Јанев бил вицепремиер и министер за одбрана и директно одговорн за организацијата на парламентарните избори во април 2017 година. Како организатор на изборните активности не добил забелешки, но не е така кога станува збор за функцијата министер за одбрана. Тој во последните денови на мандатот на техничката влада на Герџиков во последен момент предлага за набавка на борбен авион – ловец да се склучи зделка со шведската компанија „Грипен“, а подоцна владата на ГЕРБ го обвинува дека таквата одлука е последица на лобирање и ја поништува и ја повторува постапката, при што се донесува одлука за набавка на авионите F-16 Block 70 од американската „Локид-Мартин“, пишува Дневник.бг.

Светлан Стоев, кој ќе биде технички министер за надворешни работи и наследник на Екатерина Захариева, е роден во 1960 година во Софија, а дипломира на областа Меѓународни односи во 1985 година. Подоцна магистрира, а специјализира меѓународни економски односи во Москва и „Европски институции и политики“ во Бон, Германија. Зборува англиски, германски и руски јазик.

Стоев е дипломат од кариера, кој целиот работен век го минува во дипломатијата и во бугарското МНР. Бил амбасадор и во Германија и Шведска, а д 2016 година е директор на дирекцијата „Државен протокол“ при МНР.