fbpx

Честата промена на вработените и скептицизмот на граѓаните, пречка за развој на дигитализацијата и транспарентноста во РСМ

Амбицијата за дигитализација и транспарентност е попречена од честото менување на кадрите на институциите и скептицизмот на граѓаните, во отсуство на доверба во институциите

-

Создавањето на Одделот за заштита на укажувачите на корупција, дигитализацијата на податоците од јавен интерес, како и задолжителното објавување на буџетите на општините и државните органи, се дел од резултатите од членството на Северна Македонија во иницијативата на Партнерство за отворена власт (ПОВ), иницијатива која вклучува 75 земји од целиот свет. Сепак, амбицијата за дигитализација и транспарентност е попречена од честото менување на кадрите на институциите и скептицизмот на граѓаните, во отсуство на доверба во институциите, пишува Порталб.мк.

Во 2011 година, Северна Македонија стана членка на Партнерство за отворена власт (ПОВ), која е меѓународна иницијатива која има за цел да ја шири транспарентноста и одговорноста на државите, како и учеството на граѓаните во одлучувањето. ПОВ ги обединува владите и граѓанските организации од целиот свет да работат заедно за тие да бидат потранспарентни, поактивни и поодговорни пред граѓаните.

Откако една земја ќе биде прифатена во Партнерството, нејзините институции и организации заеднички создаваат иницијативи кои потоа и заеднички ги спроведуваат, а во насока на зголемување на транспарентноста, отчетноста и иновациите во јавниот сектор. Структурата на Партнерството содржи и Совет за ПОВ и Мрежа на граѓанските организации, чија примарна задача е да изготват Национален акционен план (НАП), што претставува листа на заложби и стратегии за нивно исполнување во временски рок од три години.

Акциски планови, одложувања и повторени проекти

Од своето членство досега, Република Северна Македонија има изготвено пет акциски планови, и тоа за периодите 2012-2014, 2014-2016, 2016-2018 и 2018-2020 година и поради Ковид, последниот НАП е од 2021 до 2023 година, и сè уште не е завршен. Од анализата на акциските планови може да се увиди дека има многу заложби кои континуирано се пренесуваат од еден на друг план, бидејќи надлежните органи на државата не успеале целосно да ги реализираат во предвидените рокови. Плановите се разликуваат по структура еден од друг, додека подредувањето на заложбите не е по ист редослед.

Во Националниот акциски план (2012-2014) имаше вкупно 36 заложби, сите ориентирани кон дигитализација и отворање на податоци. Статусот на спроведувањето на овој план не е документиран и затоа не може да се види колку од нив се имплементирани. Овој план вклучуваше создавање на платформи за е-услуги, отворени податоци, ЕНЕР и е-демократија, кои постојат и сега, и се активни, но развојот на овие платформи е документиран и во други планови, така што тоа не значи дека се реализирани во рамките на првиот НАП 2012-2014 г. Најкласичен пример е националната платформа за е-услуги, која беше пуштена во употреба во декември 2019 година, и покрај тоа што требаше да биде готова до крајот на 2014 година.

Во Вториот Национален акционен план (2014-2016) од вкупно 44 заложби, 17 не се реализирани или 38,6%. 13 од овие заложби, од кои повеќето беа од областа на транспарентност на податоците и нивно објавување на веб-страниците на институциите, се одложени за следниот план.

Во извештајот „ПОВ“ за овој акционен план се наведени повеќе оценки на експерти и партнерски граѓански организации за тогашната состојба во државата. Според експертите, на РСМ во тоа време ѝ недостигал „унифициран систем за примање и постапување по жалби, недоволно финансирање од државата за заштита на граѓаните и правни бариери за колективни правни дејствија и правно застапување“.

Во Националниот акционен план (2016-2018) има 33 заложби, од кои 10 се нереализирани или 30,3%. 6 од заложбите се одложени за следниот план, меѓу кои и иницијативите за отворен буџет, отворен регистар за концесии, објавување на договори од јавните набавки. За разлика од двата претходни плана, во овој план е внесена заложбата на институциите да усвојат закони за спречување на корупцијата, заштита на маргинализираните групи, укажувачите, како и создавање на одделение за антикорупција.

Законот за заштита на укажувачите на корупција, како составен дел на Законот за спречување на корупцијата и кој предвидува заштита и анонимност на укажувачите, таканаречените „свиркачи“, првпат беше усвоен во 2015 година, а во 2016 година беа формирани одделите за прием на укажувања.

Сите детали за прописите и законите кои се однесуваат на оваа тема се објавени на веб-страницата на Министерството за правда заедно со политиката за приватност и контакт број за пријавување на случаи за корупција. Сепак, има случаи кога потенцијалните укажувачи не ги користат овие методи за контакт, затоа што се плашат да не бидат следени преку телефон, историјата на веб-пребарувачите или нешто слично. Од оваа причина, Транспаренси Интернешнл Македонија, нуди можност за пријавување преку прелистувачот Тор, што гарантира целосна дигитална анонимност. Во 2018 година беше усвоена нова верзија на законот.

И во 2016 година, по измените во Законот за спречување на корупцијата, посебно внимание беше посветено на маргинализираните групи: припадниците на ромската заедница, луѓето кои живеат во рурални средини, корисниците на дрога, сексуалните работници, децата и семејствата во социјален ризик и некои други групи. Целта беше на овие лица да им се обезбеди бесплатна правна помош, да се информираат дека имаат таква поддршка и да знаат каде да ја побараат. Во овој период беа усвоени законски измени, но создавањето на платформата за информирање и другите обврски поврзани со овој проект беа одложени.

Четвртиот национален акционен план (2018-2020) имаше 23 заложби, од кои 9 се нереализирани или 39,1%. Споредено со другите планови, има помалку планирани цели и повеќето од нив се насочени кон дигитализација и транспарентност, бидејќи оваа област постојано беше игнорирана во претходните планови. Иако ниту една од целите не е целосно реализиранa во споредба со другите години, има напредок во дигитализацијата.

На крајот на 2020 година беше создадена веб-страницата за информирање на маргинализираните групи, која содржи кратки едукативни видеа, за случаите кога можат и треба да бараат заштита според законот (на пр. ако им е одбиена медицинска помош) и како да контактираат со организации кои обезбедуваат покривање на трошоците на адвокатите, нотарите, судските рочишта итн. За илустрација, подолу е даден инфографик со сите организации, здруженија, фондации и институции кои нудат правна помош на маргинализираните групи и линкови директно до нивните веб-страници.

Петтиот национален акциски план (2021-2023) е многу подетален и поопширен од сите претходни планови, дури е оценет од експертите за ПОВ како план кој “ги надминува амбициите од претходните планови, особено во транспарентноста на јавните набавки, обезбедувањето јавни услуги и пристапот до правда за маргинализираните групи“, чија целосна имплементација „може да ја позиционира Северна Македонија како регионален лидер во Западниот Балкан во клучните области на отвореното владеење и да ги адресира приоритетите во процесот на пристапување во ЕУ“.

Овој план има вкупно 143 заложби, а за реализација на овие заложби се очекува да биде објавен конечен извештај во 2024 година. Треба да се напомене дека врз основа на овие 143 заложби има 40 планирани проекти, но само 23 се активни.

Повеќе детали можете да погледнете во инфографикот подолу, каде се издвоени дел од реализираните заложби:

Како што може да се види на инфографикот, во овој период е дигитализиран Централниот регистар на РСМ со цел да се спречат измами. На оваа платформа достапни се податоците за идентификација на физички и правни лица регистрирани во Трговскиот регистар. Сега е достапна и веб-страницата Финансиски индикатори која е наменета за користење од пошироката јавност, при што општините се обврзани јавно да ги објават сите свои приходи и долгови за секој квартал. Досега се внесени податоците за 42 општини, а во меѓувреме се работи на внесување на сите останати општини до декември.

Претставниците на невладините организации вклучени во Советот на ПОВ

Од 2023 година, нов координатор на мрежата на граѓански организации во рамките на РСМ е Фондацијата Метаморфозис. Како дел од подготовката на Петтиот национален акционен план (2021-2023), беше формирана Мрежата на граѓанските организации за отворено владино партнерство, која учествува во формирањето на националната структура, односно избира претставници од граѓанското општество кои учествуваат во работата на Советот за Партнерство за отворена власт, со еднаков број претставници од граѓанските организации и институции.

Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис за Порталб.мк посочува дека една од придобивките од постоењето на Мрежата на граѓански организации е воспоставувањето на структуриран начин за учество на граѓанското општество во креирањето на Националниот акционен план за ПОВ.

„Мрежата на граѓански организации кореспондира со меѓународното искуство, со цел да се подобри комуникацијата на сите вклучени страни и да се зајакне мониторингот и евалуацијата на активностите. Од почетокот на 2023 година, Фондација Метаморфозис е координатор на Мрежата на граѓански организации за ПОВ“, вели Даниловска Бајдевска.

Соработката на Метаморфозис со локалните власти преку Партнерство за отворена власт, додава Даниловска Бајдевска, помогна да се постигне целта, но и да се удвои постигнувањето на утврдените индикатори. Овозможувајќи им на граѓаните и граѓанските организации пристап до отворените податоци, како што вели таа, можна е поголема контрола врз работата на властите во интерес на граѓаните, односно тоа влијае на подобрување на животот на граѓаните.

„Партнерство за отворена власт има структура преку која граѓанското општество е вклучено во сите фази на заедничкото креирање, имплементација и следење на имплементацијата на Националните акциски планови на ПОВ… Исто така, формиран е и Совет за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт, кој е советодавно тело за ПОВ на РСМ, за координација и следење на развојот и спроведувањето на акционите планови, со клучна советодавна улога и одлучувачка улога во сите фази на процесот на Партнерство за отворена власт, во текот на целиот циклус на планирање, во развојот на акционите планови и во спроведувањето, следењето и известувањето за акционите планови“ – вели Даниловска Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис.

Марина Шаф, заменик претставник од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) нагласува дека најзначајната придобивка од иницијативата ПОВ е обврската на јавните институции да ги вклучат граѓанските организации и граѓаните, и да соработуваат со нив при подготовката и реализацијата на заложбите. Наместо да создаваат заложби засновани исклучиво на нивните мисли и ставови, вели Шаф, тие имаат обврска да зборуваат за конкретни реформи кои одговараат на потребите на граѓаните и придонесуваат за подобрување на работата и отворање на јавните институции“.

Таа го издвои фактот дека и покрај пречките има значителен напредок, особено во последните години.

„Пред вклучувањето на темата на отворени податоци во Партнерство за отворена власт, во порталот за отворени податоци имаше 172 сетови на податоци, а сега има 612 сетови на податоци. Процесот на отворање на податоците во компјутерски читлив формат според стандардите е потежок поради недостигот на човечки ресурси во институциите, кои треба да го спроведат процесот на прибирање и објавување на податоците“, додава Шаф.

Ниска интерактивност на граѓаните поради недоверба

Според Дарко Антиќ, претставник на Здружението ЕСЕ, која е членка на Советот, граѓаните немаат мотив да се вклучат во оваа иницијатива, што ја отежнува работата на граѓанските организации.

„Проблемот е во културата на јавноста и јавниот сектор за соработка и барање одговорност. Затоа, без разлика колку информации имаме, додека нема кој да ги искористи, нема да имаме некој голем напредок и ќе има мала доверба во јавниот сектор“, нагласува Антиќ.

За Порталб.мк, тој ги објасни пречките за реализација на трите заложби од последниот план, за кои е одговорна ЕСЕ: подобрување на пристапот до здравствени услуги, подобрување на пристапот до пазарот на трудот и подобрување на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство.

„Проектот кој се однесува на пристапот до здравствени услуги воопшто не е започнат и по две години, поради незаинтересираност од Министерството за здравство да го раководи истиот. Заложбата за пристап до пазарот на труд е делумно реализирана. Имено, Владата обезбеди грант посветен на граѓанските организации во вредност од 10.000 евра за изработка на платформа за промовирање на транспарентноста и создавање можност за учество на граѓаните во креирањето на годишниот оперативен план на Агенцијата за вработување. Платформата е развиена и е функционална, но поради политичка одлука и промена на раководството не е ставена во функција. Во однос на подобрувањето на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство, спроведени се дел од планираните активности. Оние за кои е одговорно МТСП не се спроведени“, рече тој.

Лилјана Јоноски од Руралната коалиција, која е дел од Мрежата на граѓански организации и од Советот, нагласи дека најчеста причина за нереализирање на заложбите е нискиот степен на соработка помеѓу институциите и граѓанските организации во процесот на имплементација или недоволната посветеност на институцијата за реализација на целта.

„Често се случува да има промени на вработените во институциите, па може да се случи некои претставници од институциите да се вклучат во утврдувањето на заложбите, потоа други да се вклучат во спроведувањето, трети да пријават и за жал со тоа се нарушува континуитетот и затоа нивната реализација доцни“, вели Јоноски.

Таа додава дека „за жал, граѓаните не се многу расположени да се вклучат во вакви процеси, бидејќи сметаат дека нивните идеи и предлози нема да бидат прифатени, со оглед на тоа што, за жал, довербата на граѓаните во институциите е многу мала“.

Но, како што вели Јоноски, ова е една од ретките иницијативи каде што седнувате на иста маса со институциите, каде детално разговарате и каде заеднички одредувате што можат заедно да направат институциите и граѓаните за подобрување на квалитетот на животот во општеството.

„Само преку вакво директно учество во вакви отворени процеси може да почне да се менува свеста кај граѓаните, односно кога ќе видат дека тоа што го договориле со институциите потоа се спроведува, ќе се промени нивниот став во однос на вклучувањето во процесите на јавното донесување на одлуки. Сите организации кои имаа можност да учествуваат во оваа иницијатива се активно вклучени во создавањето на секој нареден НАП“, подвлече Јоноски.

 

Подготовката на текстот е дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...