fbpx

Цензусот за избор на претседател на државата е 40, а не 51 отсто

Согласно Уставот, во член 81 се вели дека во првиот круг, еден кандидат може да стане претседател само ако добие мнозинство гласови од вкупниот број запишани избирачи. Тоа е пресликано и во Изборниот законик

-

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека за претседателските избори потребна е излезност од 51% и дека доколку не излезат 51% од граѓаните ќе има нови избори за 100 дена. Ова не е точно, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

За една година ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ
Им треба 51% излезност
САМО БОЈКОТ МОЈ МАКЕДОНСКИ НАРОДЕ
Ако нема цензус за 100 дена ќе има нови избори и нови и така до бескрај.
МОРАМЕ ДА ГО СПРЕЧИМЕ ИЗБОРОТ НА МАФИЈАШКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ.
ЗА МАКДОНИЈА ВЕЧНА

Следната година на пролет ќе се бира нов претседател на Северна Македонија, на седмите претседателски избори во земјава. Шеф на држава се бира во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател, а мандатот на сегашниот претседател Стево Пендаровски истекува на 12 мај идната година, што значи следната пролет ќе биде изборна.

Во објавата на социјалната мрежа Фејсбук, која е предмет на оваа рецензија, се тврди дека потребна е излезот од 51% за успешност на претседателските избори, но ова не е точно, ваков процент на излезност никаде не е пропишан. Исто така не е точно дека ако нема цензус, за 100 дена мора да има нови избори и така до бескрај.

 

Како се станува победник на претседателски избори

Согласно Уставот, во член 81 се вели дека во првиот круг, еден кандидат може да стане претседател само ако добие мнозинство гласови од вкупниот број запишани избирачи. Тоа е пресликано и во Изборниот законик.

Ако во првиот круг ниту еден кандидат за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите. Овие правила се вградени во Уставот и во Изборниот законик со уставниот амандман XXXI од 2009 година (Види Устав на РМ на стр.35).

Ова значи дека за да може да се избере претседател во вториот круг излезноста треба да е 40 проценти, а не 51% како што неточно се тврди во објавата.

 

Што доколку не се постигне цензус?

Членот 81 од Уставот предвидува и што треба се случи доколку цензусот не биде постигнат. Но овој дел не е докрај јасен.

„Доколку и во вториот круг од гласањето ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка“, стои во членот 81.

Но, уставотворците не предвиделе рок до кога мора да се распишат новите претседателски избори ако не се исполни цензусот, а предвиделе дека во случај на спреченост, функцијата претседател ја врши претседателот на Собранието (член 82). Што значи дека не е вистина тврдењето дека доколку нема цензус, за 100 дена мора да се распишат нови избори, зашто истото никаде не е прецизно наведено.

Во истиот член се вели дека „кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување“.

 

Има залагања и мислења цензусот да се укине

Кога се работи за претседателски избори постои тренд на намалување на интересот кај граѓаните да учествуваат во изборниот процес

На првите претседателски избори, кои се одржаа во 1994 година, гласале 77,44 % од гласачите, на изборите во 2014 и 2019 година гласаа околу триесет проценти помалку гласачи во споредба со изборите во 1994 година, поточно 48,86 % во 2014 и 46,65 % во 2019 од вкупниот број запишани гласачи.

Постигнување цензус е една од најпроблематичните теми. Голем број на домашни и странски експерти во изминатите години изразија загриженост околу постигнување на цензусот.

За време на претходните претседателски избори, професорката на Правен факултет и поранешна Министерка за правда, Рената Десковска рече дека ако не биде постигнат потребниот цензус на претстојните претседателски избори постојат две можности, од кои едната е претседателот да се избира во Собранието. Другата е шефот на државата да се избира непосредно од граѓаните без потребно мнозинство во вториот круг, т.е. да се укине цензусот, што е и препорака на Венецијанската комисија.

Ние имаме препорака од Венецијанска комисија дека цензусот што постои во Уставот за избор на претседател е нешто што не е соодветно и мора да биде тргнато. Тоа е препорака што се провлекува уште од претходните избори. Странските експерти веќе забележале дека има нешто што е нетипично во другите земји што некогаш на некој начин може да претставува опасност за да не може успешно да се спроведат претседателски избори. Менувањето на Уставот со цел да се олесни процесот на избор на претседател е нешто што веќе е препорачано и од ОБСЕ односно ОДИХР. Има две опции, едната е претседателот да се избира на непосредни избори без потребно мнозинство на излезност во вториот круг. Тоа значи кој ќе добие повеќе гласови победува и тука немате можност да минирате избори преку бојкот. Другата опција е избор на претседател во Собрание. Тоа се две различни опции кои се можни и кои постојат во компаративното право, изјави тогаш Дескоска.

Во извештајот на ОБСЕ ОДИХР за претседателските избори во 2019 година, во однос на законски пропишаната излезност се вели:

Треба да се размисли за ревизија на постојните прагови за претседателски избори за да се минимизира ризикот од неуспешни избори. Законската рамка може да претрпи измени за да се пресмета победничкото мнозинство во првиот круг од бројот на дадените гласови, додека прагот во вториот круг може да се отстрани.

Заедничкото мислење за Изборниот законик на ОДИХР и Венецијанската комисија од 2011 препорачува барањето за прагот во вториот круг да се отстрани.

Претходните извештаи препорачуваа овој услов за излезност во вториот круг да биде целосно отстранет, бидејќи може да доведе до циклуси на неуспешни избори. Треба да се избегне ризикот од серија повторени избори. Во 2009 година во вториот круг одѕивот беше 42,6 отсто, но ако се избројат само важечките гласови, тој беше 40,09 отсто. Ако паднеше малку пониско, ќе доведеше до циклус на повторување. Проблемот со слабиот одѕив на изборите треба да се реши со други средства, особено со правење на политиката релевантна за луѓето во целина, се вели во извештајот.

Од горе наведните факти заклучуваме дека тврдењето оти е потребна излезност од 51% за да се избере претседател е неточно. Исто така, неточно е дека мора во рок од 100 дена повторно да се распишат избори ако на претходните не бил постигнат цензус.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...