„Циркус Пирандело“ и „Човек перница“ гостуваат на „Чернодрински“ во Прилеп

Фото: Меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Богата фестивалска програма ќе содржи петтиот ден на 57. Меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Две претстави од официјалната конкуренција, презентација на едукативни работилници, меѓународна конференција, разговори на тркалезни маси, се само дел од содржините што ќе се реализираат во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и Театарот „Војдан Чернодрински“.

Во 10 часот ќе биде отворена детската зона „Чернодрински за деца“, поддржана од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“.

Еден час подоцна во фоајето на Центарот за култура ќе се одржи меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на меѓународната јавност“ на која ќе учествуваат режисери, театарџии и гости на фестивалот.

Претставата „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, на театарот „Антон Панов“ од Струмица ќе гостува на сцената на Центарот за култура во 19 часот.

Во 22 часот на сцената на Центарот за културата „Марко Цепенков“ гостува Турскиот театар од Скопје со претставата „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу.

Драмскиот театар синоќа ја крена публиката на нозе по изведбата на „Чудна случка со кучето во ноќта“. Долги аплаузи и овации добија и актерите од екипата на претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци.

На четвртиот фестивалски ден беше организирана промоција на „Еуродрам“, посветена на драмски превод, со фокус на наградите за превод на оваа мрежа.

„Еуродрам“ е европска мрежа за драма и театар, мрежа која обединува јазични комитети од 30 земји од Европа и има за цел да овозможи споделување на текстови пишувани од оригинално на еден од европските јазици.