Цели 17 години се чека на изградба на регионалните депонии, ЕУ бара акција од властите

Наместо постојната депонија „Русино“, ќе треба да се изгради нова по стандардите на ЕУ; Фото: Мета.мк

Северна Македонија треба да направи значајни чекори во нареднава година за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад. Ова е јасната препорака на Европската Комисија до македонските власти во Извештајот за остварениот реформски напредок на земјава за 2021 година, во делот на заштитата на животната средина.

Од Европската Комисија во Извештајот забележуваат на слабите административни капацитети, ниската примена и ограничената меѓусекторска соработка, кои остануваат главни пречки за напредок во секторот за управување со отпад. Исто така, од содржината на Извештајот може да се констатира дека стратешките документи земјава редовно ги носи на време, но нивната реализација во пракса останува слаба.

Па така, Националниот план за управување со отпад (2021-2031 година), како и Националниот план за спречување на создавање на отпад до 2027 година се подготвени, но кај нивното спроведување на дело постои проблем.

Воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад во континуитет се соочува со одложувања, наведува Европската Комисија.

„Нестандардните општински и дивите депонии и понатаму претставуваат важно еколошко прашање“, се посочува во Извештајот.

Во Северна Македонија остануваат ограничени процесите за повторна употреба на материјалите, спречувањето на создавање на отпад, а ограничени се и економските инструменти за промоција на рециклирањето на отпадот.

Критичкиот тон во Извештајот за реформскиот напредок на земјава во однос на управувањето со отпадот не претставуваат никакво изненадување. Северна Македонија цели 17 години се обидува да воспостави регионални системи за управување со отпад, кои ја вклучуваат и изградбата на нови регионални депонии по европски стандарди, но земјава никако не успева да заврши еден ваков проект до денешен ден.

„Мета.мк“ повеќе од една година наназад ги следи забелешките на Европската Комисија во делот на регионалните системи за управување со отпад. По региони, за тоа каква е состојбата на терен пишувавме директно од депонијата „Русино“, која во иднина треба да прерасне во современа депонија по ЕУ стандарди за Полошкиот плански регион.

Изминатиов период пишувавме и за доцнењето на распишувањето на тендерот за изведбата на современите постројки за третман на отпадот со нова регионална депонија во општина Свети Николе, која ќе им служи на граѓаните од Североисточниот и Источниот плански регион.

„Мета.мк“ пишуваше и за откажувањето на намерата на властите за изградба на регионална депонија во општина Дебарца за Југозападниот плански регион, како и за најновата најава дека дел од рудникот „Суводол“ во РЕК „Битола“ би прераснал во современа регионална депонија за Пелагонискиот и Југозападниот плански регион. За проблемите со кои се соочува единствената регионална депонија со А-интегрирана еколошка дозвола во земјава – депонијата „Дрисла“ за Скопскиот плански регион исто така пишувавме изминатиов период.

Во 2021 година, централната власт сепак успеа да направи неколку чекори напред во однос на воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад. Општините од Источниот и Североисточниот плански регион добија нова опрема, возила и контејнери за одлагање и селекција на отпадот за сите 18 општини, додека на депонијата „Русино“ се реализираа брзите санациони мерки на оваа локација.

Владата изминатава пролет  побара заем од 55,3 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на пет регионални депонии во земјава по ЕУ стандарди, додека во општина Неготино се пронајде локација и приватен инвеститор кој е заинтересиран да изгради фабрика за преработка на комунален отпад за производство на електрична енергија.

Депониите негативно влијаат и на климатските промени

Од Еко-свест за Мета.мк посочуваат дека нерешавањето на проблемот со општинските депонии не влијае единствено на загадувањето на почвите и водите, туку и на емисиите на стакленички гасови поради неконтролираното испуштање на метанот во атмосферата.

„Според последниот национален инвентар на стакленички гасови за нашата земја, секторот отпад е еден од секторите со најбрзорастечки емисии. Причината за ова е фактот дека ние немаме регионални депонии со систем за рециклирање, а следствено на тоа недостасува и систем за селектирање на отпадот на национално ниво“, велат за Мета.мк од Еко-свест.

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина додаваат дека она што треба да биде обезбедено со политиките и законската регулатива за секторот отпад е воспоставување на систем за селектирање на отпадот на неколку фракции (пластика, стакло, лименки, хартија) со цел да се намали отпадот кој го создаваме.

Од Еко-свест дополнуваат дека дури и да имаме најдобра законска регулатива и политики на централно ниво, општините се оние кои ќе мора да превземат поголема одговорност во соодветно спроведување на овие закони и политики, вклучително и соодветна едукација и информирање на граѓаните на своите општини.

„Според нас, навистина е срамота во 2021 сè уште да се зборува само за примарна селекција на отпад (на сув и мокар) наместо на повеќе фракции и уште посрамно е што деновиве дискусијата помеѓу граѓаните е околку зголемувањето на цената на пластичните ќеси што претстои ,кои во многу држави веќе се забранети за употреба, со цел заштита на нашата животна средина и нашата клима“, нагласуваат од Еко-свест.