МЖСПП планира догодина да почне изградбата на инфраструктурата за регионалните депонии

Фото: Архива на Мета.мк

Во 2022 година се очекува да започне изведбата на инфраструктурата за регионалните депонии во секој од регионите во земјава. Од Министерството за животна средина и просторно планирање на денешниот брифинг со новинарите информираа дека во тек е обезбедувањето на средства за оваа намена, дополнувајќи дека во првичната фаза покрај изведбата на самите депонии според европски стандарди ќе се набават и камиони за собирање на отпадот, додека во втората фаза би се обезбедила инфраструктурата за селекција и преработка на собраниот отпад.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека земјава ја поднесе апликацијата до меѓународните финансиски институции, со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) како водечки субјект, за добивање на кредит во висина од 55.367.614 евра за изградба на регионалните системи за управување со отпад во земјава.

Со одобрувањето на кредитот од меѓународните финансиски институции, ќе се овозможи конечната изградба на регионалните депонии за Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион во земјава, за што Владата на РСМ кон средината на февруари годинава го одобри барањето на Министерството за животна средина и просторно планирање за почеток на постапката за обезбедување на заемот.

Инаку, досега во земјава се обезбедени финансиски средства единствено за изградбата на регионалната депонија за Североисточниот и Источниот плански регион, каде со средства од 40 милиони евра ќе се изгради регионална депонија во Општина Свети Николе, заедно со погони за селекција и рециклирање на отпадот. Во овие два региона, веќе се набавени комунални возила за собирање отпад и контејнери за селекција на отпадот. Воедно, во 18-те општини од овие два региони планирано е и затворање на постојните општински депонии и ѓубриштата.

Освен стандардната депонија „Дрисла“, која е изградена да ги опслужува потребите на Скопскиот регион и е единствена што поседува А-интегрирана еколошка дозвола, ниту една од другите општински депонии во земјава не ги задоволуваат ниту минимални европски стандарди за управување со отпад.

„Мета.мк“ пишуваше дека количеството на отпад што го создаваат македонските граѓани во континуитет расте низ годините, постојат големи разлики во износ од десетици илјади тони помеѓу создадениот и собраниот комунален отпад од јавните комунални претпријатија во земјава, а и во делот на собраниот отпад, секоја година над 80 отсто од ѓубрето што се собира од контејнерите завршува на нестандардните депонии како мешан комунален отпад, без притоа да помине низ процес на селекција и рециклажа, компостирање или инсинерација.