Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“ бидејќи туристите кога слетуваат во Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.
– Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да размислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ го подели светот, не подели нас и од тоа сите губиме – рече Бутарис во изјава за грчката телевизија „Скај“.
Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните.
Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.
Тој оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.
– Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО – изјави Бутарис.