Бугарскиот премиер: Нема сомнеж дека конфликтот во Израел е поврзан со војната во Украина

„Нема никаков сомнеж дека конфликтот во Израел е поврзан со Украина, со тоа, што гледаме сериозни државни удари во Африка. Тоа е начин за да се извлече од фокусот на светот нападот на Русија врз Украина“, изјави бугарскиот премиер Денков

Бугарскиот премиер Николај Денков денеска изјави дека има акција од Русија за дестабилизација на светот, додека ризикот за ескалација на воената напнатост е многу сериозен, пренесува mediapool.bg. 

„Нема никаков сомнеж дека конфликтот во Израел е поврзан со Украина, со тоа, што гледаме сериозни државни удари во Африка. Тоа е начин за да се извлече од фокусот на светот нападот на Русија врз Украина“, изјави бугарскиот премиер Денков во однос на воените удари коишто ги нанесе „Хамас“ врз Израел.

Бугарскиот премиер додаде дека неговата земја е подготвена да организира дополнителни летови за евакуација на бугарските државјани од Израел.

Тој денеска одговараше во живо на прашањата на граѓаните поставени на Фејсбук. Денков додаде дека ако конфликтот се продлабочи и трае уште подолго, што според него е возможно, тогаш „тој ќе има влијание и мора да го имаме во предвид како возможност за претстојната зима“.

Инаку, бугарските власти ја вршат евакуацијата на нивни државјани од Израел во периодов, при што досега биле организирани два лета. Бугарска државјанка што се наоѓа во Израел вели дека направила список со 65 сонародници кои сакаат да ја напуштат земјата, при што од бугарското дипломатско претставништво сакаат да организираат и трет лет, но дека засега Израел не го дозволува тоа.