Бугарија не дозволи прелет на авионот на Лавров поради санкциите против Захарова, а не поради С. Македонија

Европската Унија во февруари 2022 година се согласи да воведе санкции за повеќе руски функционери, а меѓу нив беа и портпаролката на Министерството за надворешни работи, Захарова и главниот уредник на RT, Маргарита Симонјан

Фото: Мета.мк

Дел од руската делегација на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје беше и портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, чие присуство во рускиот авион ја натерало Бугарија да ја отповика дозволата за прелет над нејзина територија. Но, причината никако не е билатералниот спор што постои помеѓу Македонија и Бугарија, како што алудира оваа објава на Фејсбук, туку тоа што Захарова е под санкции од ЕУ која ја смета за централна фигура на руската владина пропаганда, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук ја испревртува вистината за бугарската забрана за прелет на рускиот авион со којшто Сергеј Лавров и Марија Захарова стасаа во Скопје, а алудира и дека причината е билатералниот спор помеѓу Македонија и Бугарија. Ова не е точно.

Драга Мариа, одамна кажувам дека Блгарчета имаат психоментално пореметување во однос на Македонија. Можеби не те пуштија да прелеташ преку Бугарија оти во Македонија требаше да дојдеш? До толку се заболени, пишува во објавата.

Министерот за надворешни работи Лавров присуствуваше на 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, што се одржа минатата недела во Скопје. Неговото присуство и присуството на руската делегација беше неизвесно речиси до самиот старт на настанот поради забраната за прелет на руски државни авиони на територија на Европската Унија. Конечната одлука не зависеше само од Македонија, туку и од соседите кои требаше да дозволат прелет на руски авион.

Првично беше најавено дека шефот на руската дипломатија Лавров на министерскиот состанок на ОБСЕ ќе стигне со прелет преку Бугарија, откако бугарското министерство за надворешни работи дозволи прелет на Лавров. Оттаму истакнаа дека дадената дозвола спаѓа во исклучоците од примената на режимот на санкции на ЕУ против него и дека таа дозвола не се однесува на членовите на неговата делегација, кои се санкционирани лица, според важечкиот закон на ЕУ.

Врз основа на барање добиено од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, во својство на претседавач на ОБСЕ за 2023 година и организатор на 30 состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје на 29 ноември – 1 декември 2023 година, за да обезбеди дозвола за прелетување на делегациите за учество на претстојниот Совет на министри на ОБСЕ, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија даде дозвола за лет на Специјалната авијација Единицата „Русија“ преку воздушниот простор на Република Бугарија да изврши лет за транспорт на делегација за учество на меѓународниот форум. Дозволата за дипломатски прелет е од привремен карактер и важи 3 часа пред и 72 часа по наведениот датум и време на прелетување, известија од Бугарското МНР.

Но, сепак тој и неговата делегација пристигнаа со прелет преку Грција и Турција, а не преку Бугарија. Дел од руската делегација беше и портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, чиешто присуство во авионот ја натерало Бугарија да ја отповика дозволата за прелет над нејзина територија. Но, причината никако не е билатералниот спор којшто постои помеѓу Македонија и Бугарија, како што алудира објавата.

Во нотата од бугарското Министерство за надворешни работи, во која имале увид руските медиуми, а беше цитирана и во македонските медиуми се вели дека дозволата била дадена за министерот Лавров, но не и за други членови на делегацијата кои се под санкции.

Дозвола за учество на средбата во Скопје е дадена за министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров и неговата придружна делегација во согласност со белешката. Дозволата не се однесува на директорот на одделот за информации и печат на руското Министерство за надворешни работи,  Марија Захарова, која се појавува на списокот со санкции, во согласност со важечките закони на ЕУ, се вели во нотата од бугарското МНР.

Захарова на Телеграм објави дека одлуката „…Не е само за глупост, туку опасната глупост на некој шегаџија во структурите на моќ во Бугарија“.

Захарова е под санкции од ЕУ и тоа е причината зошто не беше дозволено прелет на рускиот авион преку Бугарија, и тоа многу јасно беше потенцирано. Дозволата нема никаква врска со тоа што таа требало да дојде во Македонија, како што невистинито се тврди. Спорот којшто Македонија и Бугарија го имаат, при што Бугарија ѝ го попречува патот на Македонија кон Европската Унија, воопшто нема врска со санкциите под коишто е Захарова.

Европската Унија во февруари 2022 година се согласи да воведе санкции за повеќе руски функционери, а меѓу нив беа и портпаролката на Министерството за надворешни работи, Захарова и главниот уредник на RT, Маргарита Симонјан. Двете беа наречени „централни фигури на владината пропаганда“.

Дел од санкциите се замрзнување на имотот и забрана за нивно патување во 27 земји членки на ЕУ. САД, исто така, воведоа санкции против повеќе лица, меѓу кои и Захараова.

Според сите информации, заклучуваме дека на Марија Захараова не ѝ беше дозволен прелет преку Бугарија поради санкциите коишто ЕУ ги воведе против неа, а не поради билатералниот спор што Македонија го има со Бугарија. Тоа сосема јасно го истакнаа сите страни вклучени во случајот. Впрочем, доколку ова тврдење беше вистина, тогаш Бугарија немаше да му дозволи ни на Лавров да направи прелет, а не само на Захарова.