fbpx

Брзањето на законските измени за изградба на автопатите ја отвара Пандорината кутија

Многу забелешки на денешната расправа организирана од Институтот за демократија Социетас цивилис се дадоа токму на можното прекршување на правото на еднаквост и на транспарентноста во водењето на целата постапка во однос на изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д

-

Скратените постапки со брзање и непрецизни законски формулации во законите кои се поврзани со изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д би можеле да ги нарушат правилата на еднаквост и фер пристап, коишто хипотетички во иднина би можело да резултираат со евентуални тужби од други компании и плаќање на отштети од страна на државата. Ова беше кажано на денешната дебата „Зголемени ризици од брзи измени на закони за изградба на коридорите 8 и 10д“, што ја организираше Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Македонската влада на 8 март годинава го потпиша договорот со „Бехтел-Енка“ за изградба на автопатите Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола за вкупно 1,3 милијарди евра. Сепак, ова не се единствените капитални проекти кои во моментов се градат на Коридорите 8 и 10д. Претходно, во јули минатата година беше соопштено дека се избрани австриската „Штрабаг“ и турската „Ѓулермак“ за да ја градат пругата од Куманово до Крива Паланка на Коридорот 8. Владини претставници претходно во мај 2021 година соопштија дека австриски „Штрабаг“ и кинески „Синохидро“ ќе го изведуваат експресниот пат Градско-Прилеп на Коридорот 10д. Истовремено, веќе десетта година кинеската компанија „Синохидро“ го гради автопатот Кичево-Охрид, каде што во неколку наврати се пробија договорените рокови за завршување на автопатот, токму поради потребата од препроектирање на делови од автопатот и проблемите со експропријација на земјиштето.

На новинарско прашање на Мета.мк дали овие градежни компании би можеле во иднина да се пожалат кај македонската влада или да ја тужат владата за евентуална нерамноправност со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“, Гоце Каревски од Македонското здружение на млади правници денеска истакна дека непрецизната законска формулација во осумте предложени измени и дополнувања на законите што се наоѓаат во Собранието би можеле да го воспостават тоа право на овие субјекти.

Гоце Каревски вели дека не ги знаеме поединечно сите договори склучени меѓу тие субјекти и нашата влада и начинот на кој би се решавале одредени спорови – дали преку национални судења или меѓународна арбитража, меѓутоа начелото на фер и еднаков третман во однос на пристапот до јавните набавки е едно начело, на кое што компаниите би можеле да се повикаат.

„Хипотетички би можело нашата држава да одговара, затоа што воспоставува нееднаков третман“, вели Каревски, додавајќи дека компаниите дополнително можат да се повикаат и на нашиот Устав, каде што слободниот пазар подразбира еднакви правила на игра за сите.

Каревски додава дека зборовите коишто се употребени во овие членови од предложените законски измени едноставно ја ставаат државата во многу ранлива положба од аспект на правна сигурност.

Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија вели дека случајот со изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д претставува целосен неуспех од почеток до крај на сите заштитни механизми во рамките на тоа што се нарекува добро управување.

Тој вели дека стратешките документи, како што е националната транспортна стратегија на државата, утврдуваат дека не секој пат треба да биде автопат, и кога ќе се донесе политичка одлука без образложение да се трансформира нешто што е ставено во националната стратегија како експресен пат да стане автопат, тоа е првиот сигнал за неуспех.

„Политиката треба да ја даде големата слика односно стратегијата, а понатаму е прашање на имплементација, министерствата да ги спроведат овие одлуки. Ако почне политиката да се меша и во такви имплементациски одлуки, тогаш тоа е неуспех на заштитните механизми внатре во рамките на она што се вика носење на одлуки врз основа на интегритет“, вели Миша Поповиќ, додавајќи дека не може министер да дојде и туку-така да смени одлука наместо експресен пат да се гради автопат.

Поповиќ под знак прашање ја става и одлуката на владата да ја избере „Бехтел-Енка“ како изведувач на автопатите, без притоа да се испочитува Законот за јавни набавки кој обезбедува транспарентност, односно можност за конкуренција и соочување на повеќе понуди од компаниите за изведба на автопатите.

Сепак, Миша Поповиќ вели дека од антикорупциска смисла сето ова е засега легално, но проблемот тука е што колку повеќе и почесто се носат вакви високополитички одлуки, тоа значи дека утре не може секретар во министерството да биде одговорен за лошата имплементација, туку сега самите министри и вицепремиери ќе бидат одговорни за лошата имплементација на проектите.

„Во антикорупциска смисла тоа е добро, затоа што сега го знаеме одговорниот. Сега одговорниот не е канцелариски чиновник некаде во некое министерство што лошо имплементирал. Сега знаеме дека неколку министри се одговорни за сето ова и тоа е оптимистичка проценка, затоа што ако постоела намера за корупција, целата одговорност сега е на политичарите да ја спроведат одлуката, и со тоа ако се открие корупцијата, точно знаеме име и презиме на оние што се виновни“, вели Миша Поповиќ.

Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека во предложените законски измени стои оти на стратешкиот партнер ќе му се даде во владение експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без притоа да биде потребно истата да стане правосилна. Според Карева, тоа значи дека кога министерството ќе ја донесе одлуката за експропријација, имотот ќе може да го земе стратешкиот партнер и ќе може да почне да гради врз него.

„Можноста за жалба ќе стане правосилна кога ќе заврши судската постапка. Тоа значи дека веќе и да заврши судската постапка во негова корист, веќе имотот ќе му биде одземен и на него ќе биде изградено“, вели Карева, додавајќи дека со ваквите законски измени се ставаат под знак прашање судската заштита и правната сигурност на граѓаните од аспект на исполнување на правото на сопственост и владеење на нивното земјиште.

Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници вели дека во делот на експропријацијата треба да се менува целиот концепт и да важи за сите. Тој вели дека експропријацијата на земјиште се прави секогаш кога постои јавен интерес.

„Не може да биде исклучок којшто се однесува само во овој случај, којшто патем речено, ги воведува нелегалните објекти како имот за којшто треба лицата да бидат обесштетени“, вели Коцевски.

Тој додава дека експропријацијата е одземање на земјиште поради јавен интерес, при што не зависи од тоа дали вие ја сакате или не ваквата одлука. Државата тука има целосна автономија, меѓутоа таа не е широка, туку е ограничена со некои правила, првенствено со правото на сопственост, додава тој.

Миша Поповиќ појасни дека постојат неколку спорни аспекти околу изградбата на самите автопати на Коридорите 8 и 10д. Како прво, тој смета оти треба да се разговара за транспарентноста, односно договорот со градежната фирма што е прогласен за таен поради деловни тајни е спротивен на начелата на транспарентност.

Таквите договори би треба да бидат јавни, освен ако навистина постојат оправдани причини за нивно сокривање, но сосема е вообичаено таквите договори да се објават редактирано, односно да бидат исклучени за објавување оние делови што се деловна тајна за јавноста, вели Миша Поповиќ.

Второ, вели Миша Поповиќ, важно е на пратениците да им се дадат сите можности да донесат информирана одлука, односно да имаат детален увид во однос на тоа што губи и што добива општеството со одредени законски измени.

Токму поради тоа, Миша Поповиќ вели дека со повлекувањето на предложените измени на осумте закони и откажување од нивно донесување под скратена постапка би се овозможила подобра јавна расправа, во која што ќе се вклучат најразлични засегнати страни што ќе ги кажат видувањата во однос на тоа што губиме, а што добиваме, за во краен случај, да се советуваат пратениците каква одлука ќе треба да донесат во Собранието при нивното усвојување.

Инаку, во Собранието денеска беше одложена расправата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, на која требаше да бидат разгледани измените и дополнувањата на Законот за работни односи. Утре пред Комисијата за економски прашања ќе се најдат на разгледување предложените законски измени и дополнувања на Законот за минерални суровини.

Собранието на РСМ за преостанатите шест законски измени и дополнувања кои го минаа првото читање во скратена постапка, засега ги нема закажано комисиските расправи, и тоа поконкретно за: Законот за земјоделско земјиште, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за шумите, Законот за градење и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурните Коридор 8 и Коридор 10д.

Иако беше повлечен од гласање предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културно наследство, Орданче Петров од Македонското археолошко друштво денеска изјави дека ќе останат будни и ќе ги следат потезите во Собранието на РСМ, бидејќи не се сигурни дали законските измени на Законот за заштита на културно наследство би можело да се најдат на некоја од наредните собраниски седници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Започна судењето против Трамп – прв кривичен процес против американски претседател

Во Њујорк почна судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во кривичната постапка под обвинение дека се обидел да ја прикрие исплатата на пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс. На...