fbpx

Барања за информации од јавен карактер: Отсуствува внатрешна процедура за одговор кај институциите

Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис вели дека остварувањето на правото на слободен пристап до информации претходи на остварување на други права на граѓаните, а во реалноста дел од институциите чекаат и до максималниот рок од 20 дена за да одговорат на барањата или на истите воопшто не одговараат

-

Некои институции одговараат навреме, но други го чекаат последниот рок или ги игнорираат барањата за пристап до информации од јавен карактер, и покрај тоа што постојат казни согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер. За да се избегне ваквата рашомонијада, неопходно е секоја институција да воведе внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Фондацијата Метаморфозис, со поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Македонија и Националната фондација за демократија, и годинава го спроведоа истражувањето „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“. Истражувањето подготвено во соработка со партнерите од регионалната мрежа на ГО – Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE) во четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, значајни препораки дава и за ефикасното и навремено одговарање на барањата за пристап до информации од јавен карактер доставени до институциите.

Во делот на Северна Македонија, авторката на трудот, Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис за Мета.мк посочува дека при мерењето на овогодинешниот Индекс на отвореност, а со цел да се процени времето на чекање по поднесено барање до институциите, Фондацијата Метаморфозис испратила идентично барање за пристап до информации до 36 институции од извршната власт, од кои 27 институции (75 отсто) одговориле навреме во законскиот рок, но пред самиот истек на рокот од 20 дена.

„Со оглед дека институциите не постапуваат ‘веднаш’ по поднесените барања, како што е уредено со Законот, туку го чекаат крајниот законски рок, неколку години по ред укажуваме на потребата да се воведат внатрешни процедури, со што ќе се овозможи подобра комуникација внатре во институциите и „процесирање“ на барањето од службените лица до соодветните/одговорните лица во институцијата, па повторно „назад“ кај службеното лице, за да може барателот поскоро од максималниот законски рок (20 дена) да го добие одговорот на барањето“, појаснува Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис.

Таа вели дека исклучок од чекањето на крајниот рок за одговор се институциите кои имаат воведено внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Нашата препорака е да се воведат внатрешни процедури кои ќе ја уредат постапката од приемот на барањето до доставувањето на одговорот со рокови и одговорни лица внатре во секоја институција. Исто така, сметам дека треба да се воведат внатрешни процедури кои ќе предвидат одговорни лица кои ќе доставуваат нови информации кои ги креира или со кои располага институцијата, до Секторите за комуникации или ИТ лицата за да бидат навремено и активно објавени без претходно да бидат побарани“, вели Данче Даниловска-Бајдевска.

Дури и за потребите на самото истражување, Фондацијата Метаморфозис добила одговори по законскиот рок од 20 дена на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер од Министерството за култура, Министерството за здравство, Управата за финансиска полиција, Државниот инспекторат за техничка инспекција и Секретаријатот за европски прашања. Дел од институциите, како што се Државниот архив, Бирото за судски вештачења, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Државниот пазарен инспекторат, се поставиле игнорантски кон доставените барања и воопшто не одговориле на поставените прашања.

Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис појаснува дека ефикасноста во пристапот до информации не зависи од бројот на службени лица во институцијата.

„На пример, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство задолжени се дури 24 лица за посредување со слободен пристап до информации, а според Индексот на отвореност оваа институција на рангот на отвореност со исполнетост од 61,18% е под просекот кој заедно го постигнуваат Владата и министерствата. Од друга страна, Министерството за одбрана има само две службени лица, а се најотворената институција според регионалниот Индекс со 89,72% исполнетост на индикаторите“, вели Даниловска-Бајдевска.

Од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за Мета.мк велат дека не располагаат со конкретни податоци дали институциите како иматели на информации имаат свои внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сепак, тие појаснуваат дека на редовните обуки кои ги спроведуваат за службените лица континуирано укажуваат на потребата од воведување на внатрешни процедури за регулирање на постапувањата по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Целта на овие процедури е точно да се знае улогата на секој административен службеник, како и улогата на раководната структура кај имателот на информации, а со цел навремено постапување по пристигнатите барања за слободен пристап до информации од јавен карактер“, велат од Агенцијата.

Воедно, тие ја нагласуваат потребата за проактивно, транспарентно и отчетно објавување на информации од јавен карактер на веб страните на имателите на информации.

Притоа, Агенцијата им препорачува на имателите на информации да донесат своја интерна процедура за проактивно објавување на информациите од јавен карактер, при што како модел го посочуваат Прирачникот за проактивно објавување информации, кој е донесен од нивна страна.

Во однос на причините за неодговарање на поднесените барања за слободен пристап до информации од јавен карактер или за нивното одговарање по законски утврдениот рок од 20 дена, од Агенцијата велат дека може само да претпоставуваат зошто се случува да не одговорат или да достават информации по законски утврдениот рок од 20 дена.

„Од досегашната пракса, Агенцијата констатира дека не секогаш причината е во службените лица за посредување со информациите од јавен карактер, туку причината може да се бара и во ненавременото доставување на податоците/информациите од соодветниот Сектор или Одделение до службеното лице за посредување со информации од јавен карактер, а понекогаш и причината е во раководните структури во институциите – иматели на информации“, додаваат од Агенцијата.

Министерството за одбрана е најотворената институција во Северна Македонија според регионалниот Индекс со 89,72% исполнетост на индикаторите, а со тоа е и позитивен пример за тоа како треба да се постапува и со барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Поради ова, Мета.мк го праша македонското Министерство за одбрана за тоа какви им се внатрешните процедури за постапување со ваквите барања. Тие објаснуваат дека во принцип на барателите на информации одговараат во законскиот предвиден рок, дури и во пократок рок – за 10 до 15 дена. Со решение на министерката за одбрана имаат определено две лица за посредување со информации од јавен карактер. Од Министерството за одбрана ја објаснуваат внатрешната процедура што ја имаат воведено.

„По добивање на барање за слободен пристап до информација од јавен карактер службените лица за посредување со информации од јавен карактер истото го архивираат и во ист ден го доставуваат до соодветните Организациони единици кои сметаат дека ја поседуваат бараната информација, со одреден рок за достава на одговор од нивната страна. По добивање на одговор од Организационите единици службените лица за посредување со информации од јавен карактер подготвуваат Решение кое го доставуваат до овластениот потписник, за одобрување. По одобрување, истото го доставуваат до барателот на информацијата“, објаснуваат од Министерството за одбрана.

Не сите институции праќаат службеници на обуки

Покрај недостигот од внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, она што недостасува кај дел од институциите е интерес за да се воспостават ваквите процедури, како и да се стекнат со соодветни знаења во оваа област. За да се надмине оваа препрека, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер редовно организира обуки за службените лица од институциите.

Сепак, Данче Даниловска Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис информира дека во Индексот на отвореност за 2022 година е нотирано дека само 50% од министерствата навеле дека ги обучувале своите вработени за постапката за слободен пристап до информациите.

„За жал, иако Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап редовно организира и спроведува обуки за спроведување на Законот за слободен пристап, интересот од службените лица, односно од институциите е многу мал“, појаснува Даниловска Бајдевска.

Фондацијата Метаморфозис препорачува во иднина обуките што ги организира Агенцијата за службените лица за слободен пристап да бидат во форма „тренинзи за тренери“, кои потоа би одржувале обуки во своите институции за поголем дел од вработените, со цел запознавање со обврските кои произлегуваат од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер за Мета.мк појаснуваат дека од нивното досегашно искуство во спроведувањето на обуки за службените лица, она што следно треба да се реализира е организирање на тркалезни маси и сесии за функционерите или раководните лица на самите институции, како и обуки за раководните службеници во секторите и одделенијата кај имателите на информации.

„За остварувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, исклучително е важно, целта на правото и целта на законот да биде презентирана до раководната структура кај имателите на информации, а не само за службените лица за посредување со информации од јавен карактер“, велат од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Тие додаваат дека од голема полза би било и одржување на посебни, дводневни работилници на регионално ниво по плански региони, на кои низ практични вежби и анализа на случаи, службените лица за посредување со информации од јавен карактер би се стекнале со поголемо искуство преку практични вежби, размена на мислења и позитивни практични примери.

„За реализација на вакви работилници, неопходни се финансиски средства со кои Агенцијата не располага, па потребна е соработка со партнерски организации и меѓународни институции кои би го поддржале овој проект. Воедно, Агенцијата препорачува да не се менуваат често службените лица за посредување со информации од јавен карактер, кои се обучени и имаат стекнато искуство во практикувањето на пристапот до информации од јавен карактер“, информираат од Агенцијата.

Како еден од позитивните примери во навременото одговарање на барањата за пристап до информации од јавен карактер, од Министерството за одбрана како имател на информации велат дека службените лица, заради континуитет и нови знаења, најмалку 2-3 пати годишно се упатуваат на нови обуки и семинари од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Со воведени процедури, институциите може да одговараат и за 15 дена

Една од препораките на Фондацијата Метаморфозис во истражувањето „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“ е да се направат законски измени за да се намали максималниот рок за одговор на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 20 на 15 дена. Ова е разумен период на чекање според меѓународните стандарди и воспоставената регионална практика.

Авторката Данче Даниловска-Бајдевска смета дека ваквиот чекор би бил неопходен, бидејќи остварувањето на правото на слободен пристап до информации претходи на остварување на други права на граѓаните. Она што е потребно е институциите да ја унапредат својата активна транспарентност, за што се должни со членот 10 од Законот за пристап до информации од јавен карактер.

„Ако објават сè што е од доменот на работата согласно надлежностите, а и навремено објавуваат информации за кои увиделе од барањата дека се од интерес за барателите (на пример, информации поврзани со број на вработувања), тогаш писмените барања ќе станат реткост и рокот за подготовка на одговорите нема да биде предизвик“, вели Даниловска-Бајдевска.

Фондацијата Метаморфозис додава дека во годинешниот Индекс за отвореност е поместена препорака до институциите да ги објават на својата интернет-страница одговорите со кои обезбедиле пристап до информациите по поднесено барање, со што би се намалило повторувањето на добиени барања по писмен пат за исти информации до институциите.

Од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за Мета.мк велат дека постои реална можност рокот за одговор да биде намален на најдоцна 15 дена од денот на приемот на барањето за слободен пристап до информации. Тие појаснуваат дека законската одредба го задолжува имателот на информации веднаш да одговори на барањето на барателот, а најдоцна за 20 дена од неговиот прием.

Од Министерството за одбрана како еден од имателите на информации за Мета.мк одговорија дека се согласуваат со препораката да се намали на 15 дена максималниот рок за одговор на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, наместо досегашниот рок од 20 дена.

Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата Метаморфозис потенцира дека институциите треба да учат едни од други, па така во случаите кога некои од нив имаат воведено внатрешни процедури за постапување по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, треба токму овие институции да им помогнат на другите кои треба допрва да ги создадат ваквите процедури. Самите процедури треба да бидат едноставни, со утврдени рокови и со одговорни лица внатре во институцијата за постапување по примањето на барањето до утврдување на денот за потпишување.

Од Фондацијата Метаморфозис посочуваат дека мора да се земат предвид и новите трендови заедно со процесите на дигитализација, а кои наметнуваат потреба во скорешно време и кај нас да се стави акцент повеќе на активната транспарентност, која би требала значително да го намали бројот на поднесените хартиени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

 

Подготовката на текстот е дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...