fbpx

Се бара нов директор на МКЦ – Арсовска во својот мандат досега смени 36 директори во јавни претпријатија и установи

Најмногу директори, дури четворица, се сменети во Градски паркинг, а по тројца директори биле сменети во Улици и патишта, Јавното сообраќајно претпријатие и Водовод и канализација, откако Арсовска е на челната позиција во главниот град

-

Вкупно 36 директори сменила градоначалничката Данела Арсовска во 16 институции кои се под ингеренција на Град Скопје, покажуваат податоците кои Мета.мк ги доби користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Арсовска ја презеде градоначалничката позиција во ноември 2021 година, односно таа е на функција 22 месеци. Ова практично значи дека најмалку по едно претпријатие или установа месечно останувала без раководното место, а на негово место доаѓал друг.

Најмногу директори, дури четворица, се сменети во Градски паркинг, а по тројца директори биле сменети во Улици и патишта, Јавното сообраќајно претпријатие и Водовод и канализација, откако Арсовска е на челната позиција во главниот град.

Единствените институции кои се под ингеренции на Градот, а каде што Арсовска не сменила директор се Детскиот културен центар Карпош, Универзална сала и Домот на култура „Кочо Рацин“.

Вчера, Град Скопје објави оглас за избор на директор Јавната установа Младински културен центар (МКЦ) – Скопје. На огласот, критериумите не се строги – се бара кандидатот да е македонски државјанин, за него да нема судска пресуда за забрана за вршење на должност, да има минимум 5 години стаж во областа на културата (или проекти во областа на културата) и меѓународно уверение/сертификат за познавање англиски јазик.

Пред неколку дена, пак, како што објави „Слободен печат“ беа објавени огласи со кои Град Скопје бара директори на три јавни претпријатија – на ЈСП Скопје, Градски паркинг и на Лајка. Тројцата директори на овие претпријатија се вршители на должност и законскиот максимум за вршење на функцијата е шест месеци.

Претходно, Арсовска информира дека одржала координативен состанок со актуелните директори на јавните претпријатија, на кој се разговарало за проектите за следната година, а на состанокот не биле присутни две директорки – Радмила Пешева на „Лајка“ и Косана Мазнева на „Комунална хигиена“. Оттаму, во јавноста произлегоа и шпекулации дали во периодот што следи можеби ќе има нови смени на раководните позиции.

Дел од именувањата на Арсовска предизвикаа дебати во јавноста, а беше покрената и иницијатива за кривично гонење, токму за позицијата за која сега е распишан оглас – директор на МКЦ. Па така, во јули годинава, Антикорупциската комисија констатираше дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, спротивно на законот ги именувала в.д. директорите на Младинскиот културен центар (МКЦ) и на Зоолошката градина.

Антикорупциска со кривична против Данела Арсовска дека незаконски назначила директори на МКЦ и ЗОО Скопје

Антикорупционерите донесоа одлука за поведување кривична постапка оти таа го прекршила законот со тоа што именувала за раководно лице кое не било вработено во јавната установа, спротивно на чл. 31 од Законот за култура. Стануваше збор за решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на Младинскиот културен центар. И Управниот суд претходно донесе одлука Арсовска да го поништи решението.

Во Зоолошката градина, пак, по скандалот со колењето на коњи за кои пишуваше Мета.мк, беше сменет Кристијан Стаменов и на негово место за в.д. директор Арсовска го назначи Драган Илиевски, кој исто така не беше дел од вработените. Тој, во јануари годинава застана на в.д. директорското место во ЈП Водовод и канализација. Во моментов в.д. директор на скопската Зоолошка е Зоран Попов, кој е од редот на вработените.

Именувањето в.д. директори – можност за политички влијанија

Најголемиот број директори кои Арсовска ги назначи, а тоа е практика речиси во секоја сфера и секој сектор во државата, се вршители на должност (в.д.), односно имаат мандат од шест месеци, а потоа истиот им се продолжува, или по истекот стануваат директори, освен ако не бидат сменети.

Антикорупциската комисија во голем број наврати реагира дека функцијата в.д. директор не се користи за „надминување на непредвидена состојба до пополнување на раководните места со распишување на јавен конкурс“, како што е предвидено во материјалните закони, туку се користи редовно како да е тоа единствен начин за поставување директори. Ова, според антикорупционерите, остава простор за политички влијанија.

На седницата кога се дискутираше за в.д. директорите кои ги назначила Арсовска, антикорупционерите, расправајќи за праксата на назначување на в.д. директори во јавни институции, рекоа дека повеќе нема да го толерираат и соодветно ќе дејствуваат бидејќи премногу често се случува лица да вршат директорски функции од позиција на вршител на должност долг период, иако законски мандатот им е само шест месеци.

Во Извештајот од следењето на управувачките структури во институциите од јавниот сектор на Центарот за управување со промени (ЦУП) нагласено беше дека со 40 проценти од институциите, наместо директори, раководат вршители на должност (в.д. директори). Во извештајот меѓу другото се вели дека при именувањето на в.д. директорите, кандидатите не е нужно да ги исполнуваат ниту минимум законските услови кои и онака се премногу општи.

„Вршителите на должност се преодно решение до изборот, односно до именувањето директор и тоа најмногу до 6 месеци. Од вкупниот број на 274 директори и нивни заменици, 105 се именувани како В.Д., што значи дека веројатно и тие минимум услови уредени во законот, а кои опфаќаат државјанство, високо образование, работно искуство, неосудуваност и меѓународен сертификат за познавање странски јазик, се заобиколени“, стои во анализата.

Европската комисија во своите извештаи за напредокот на Северна Македонија редовно потенцира дека честата смена на директори или челни позиции во институциите не е добра практика, бидејќи може да доведе до сериозни застои во реформските процеси.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поминаа 23 години од масакрот кај Вејце

Денеска се навршуваат 23 години од масакрот кај Вејце, кога во 2001 година, од заседа беа убиени и масакрирани осум припадници на посебната единица при СВР Битола и припадници...