Објавата ја шири добропознатата антиваксерска теорија која без никакви докази тврди дека вакцините се штетни за децата. Не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот. Во последните години има зголемување на стапките на аутизам, но тоа нема никаква врска со вакцините и сето тоа го докажуваат бројни научни студии. Оваа манипулативна објава, исто така, дезинформира и за бројот на вакцини кои ги примаат американските деца. До 25 јули 2023 година, според проверувачите на факти на АФП во распоредот за имунизација на ЦДЦ за деца и адолесценти имало 20 вакцини, од кои за повеќето се предвидени повеќекратни дози (ревакцинација), а некои може да се понудат како комбинирани вакцини, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Анализираме објава на Фејсбук која споделува лажни информации во врска со вакцините, тврдејќи дека како низ годините се зголемил бројот на вакцините, така растеле случаите со аутизам кај децата. Притоа, објавата се повикува на наводни податоци на американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ).
Ги вакцинирате вашите деца !!!, стои во објавата.
Во прилог е објавена и фотографија со некаква табела, според која, помеѓу 1983 и 2018 година, американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) наводно додал 64 вакцини во распоредот за имунизација. Во истата временска рамка, стапките на аутизам наводно се зголемиле од 1 на 10.000 до 1 на 36.
Тврдењата кои ја поврзуваат вакцинацијата со аутизмот кружат на интернет одамна и истите ги споделуваат застапниците на антиваксерството. Вистиномер претходно ги има дебанкирано разните верзии на оваа теорија.
На оваа тема имаат пишувано и странските проверувачи на факти. Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ во изјава за АФП вели дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.
Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а назорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до АФП.
Тврдењата дека вакцините од детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар Ендру Вејкфилд тогаш го поврза вакцинирањето со ММР вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам.
Сепак, Лансет ја повлече студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци. Британските медицински власти подоцна ја повлекоа лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина.
За жал, неговото објавување предизвика паника што доведе до намалување на стапките на имунизација и последователни избувнувања на овие болести, вели Светската здравствена организација на својата веб-страница (архивирана овде).
Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот. Тоа во интервју за „Вистиномер“ (декември 2021) го потврдува и пензионираниот раководител на службата за општа хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, доктор Џавид Фејзули. Во интервјуто тој говори за придобивките од вакцинацијата, како и за антиваксерите.
Со вакцинација ние спречивме детска парализа, дифтериија, тетанус, заушки, доста заразни болести кои напаѓале и од кои се умирало. Но, еве ги немаме тие болести и тоа значи дека вакцинацијата како медицинска метода е за поздравување и целта е да спречи болест или да ја ублажи. Ама, сега оваа работа е испревртена и од одредени лекари. Ќе се најдат лекари, не знам како, но моја претпоставка е поради одредени интереси, ќе покренат прашање што не е докажано и ќе го форсираат во јавноста. Земете пример со аутистичниот спектар, цел свет се дигна на нозе дека поради одредена вакцина се појавува аутизам кај децата, а тоа го пласираат колеги лекари. Сега одредени американски статистики, велат дека на секои 50 породувања има по едно аутистично дете, ама не е од вакцината и тоа официјално се докажа. Така што, сега ако некој лекар каже нешто, широката маса се приврзува кон тоа што го кажал и затоа се појавуваат антиваксери, посочува д-р Фејзули.
Објавата, исто така, ја доведува во заблуда јавноста во врска со историјата на вакцините препорачани од ЦДЦ.
Помеѓу 1985 и 1994 година, распоредот за имунизација вклучувал пет вакцини, според временската рамка на Колеџот за лекари во Филаделфија (архивирана овде). До 2006 година, тој број се искачил на 12.
До 25 јули 2023 година, кога АФП ги дебанкирал тврдењата кои се предмет и на нашата анализа, во распоредот за имунизација на ЦДЦ за деца и адолесценти (архивиран овде) имало 20 вакцини, од кои за повеќето се предвидени повеќекратни дози (ревакцинација), а некои може да се понудат како комбинирани вакцини. Распоредот за возрасни (архивиран овде) имал 19 вакцини, пишува АФП.
Сите вакцини од распоредот за имунизација на ЦДЦ се подложени на ригорозен процес на тестирање и одобрување пред да бидат додадени. Испитувањето од 2013 година на препорачаните вакцини од детството (архивирано овде) не открило докази за големи безбедносни грижи, пишува АФП.
Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни, според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето, се вакцините против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис.
ЦДЦ проценува дека едно од 36 деца има пореметување на аутистичниот спектар (АСД) – сооднос повеќе од четирипати поголем отколку пред две децении (архивирано овде). Истражувачите откриле сличен глобален тренд.
АСД е „развојна попреченост предизвикана од разлики во мозокот“, вели ЦДЦ на својата веб-страница. Некои од тие разлики можат да бидат генетски или еколошки, додека други се непознати.
Неколку студии (архивирани овде) проценуваат дека распространетоста на АСД во 1980-тите била многу помала отколку што е денес. Но, постојат неколку потенцијални причини за последователниот скок кои немаат никаква врска со вакцинацијата.
Други независни проверувачи на факти, исто така, ги дебанкираа тврдењата кои ги поврзуваат зголемените стапки на аутизам со вакцинацијата кај децата.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот. Вакцините заштитуваат и спречиле да се искоренат многу болести во минатото. Објавата што ја анализираме ја шири добро познатата антиваксерска теорија која без никакви докази тврди дека вакцините се штетни за децата. Во последните години има зголемување на стапките на аутизам, но тоа нема никаква врска со вакцините и сето тоа го докажуваат бројни научни студии. Вакцините заштитуваат и спречиле да се искоренат многу болести во минатото. Оваа манипулативна објава, исто така, дезинформира и за бројот на вакцини кои ги примаат американските деца.