ЕУ ја прогласи 2021 за година на железницата, укажувајќи им на граѓаните дека силно планира да се потпре на нејзиниот развој во наредните години за да го намали влијанието на климатските промени преку намалување на емисиите на стакленички гасови од транспортот.
Стимулирањето на развојот на железничкиот превоз е поради неколку причини, од кои една е најактуелна – возот е најеколошкото средство за масовен превоз на патници. Според податоците на EURail Pass, возовите како превозно средство емитуваат меѓу 66 и 75 проценти помалку јаглерод диоксид при сообраќањето, во споредба со автомобилите и авионите. Ако се земе во предвид фактот дека возовите може да превезат и најмногу патници меѓу две дестинации, тогаш емисијата на јаглерод диоксид по патник е за неколку пати пониска кај возовите во однос на автомобилите и авионите.
За да ги запознае европските граѓани за своите цели и активности, ЕУ годинава го воведе „Connecting Europe Express“ возот, којшто тргна од Лисабон на 2 септември, а до својата крајна дестинација Париз ќе отпатува низ 26 земји и ќе посети над 100 града во периодот до 7 октомври.
Европскиот воз во понеделникот вечерта пристигна на Железничката станица во Скопје, каде што се одржа настан во рамките на неговото 36-дневно патување низ Европа. Жителите на главниот град, заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ Хари Локвенец, можеа да се запознаат со активностите кои ги презема ЕУ за зголемување на патничкиот и товарниот железнички сообраќај на овој континент.
По повод пристигнувањето на европскиот воз во Скопје, „Мета.мк“ во соработка со „Студентарија“ спроведоа онлајн анкета во периодот од 7 до 8 септември за користењето на возот како превозно средство во земјава. Четирите поставени прашања преку Инстаграм ги одговорија меѓу 5.773 и 6.821 испитаници од младите во земјава.
Резултатите од анкетата покажуваат поразителни резултати во однос на тоа колку младите го употребуваат возот при патувањата. На прашањето „Дали некогаш сте патувале со воз?“, дури 33,5 отсто од испитаниците одговориле со „не“, додека 4.537 од анкетираните млади (66,5 отсто) рекле дека некогаш во нивните животи патувале со воз.
Покрај тоа што една третина од младите никогаш не го користеле возот како превозно средство, и оние што патуваат со железница, тоа го прават многу ретко. На прашањето „Кога последен пат сте патувале со воз во земјава?“, само 179 испитаници (2,8 отсто) одговориле дека тоа било неделава, додека 284 од младите лица рекле дека со воз патувале месецов.
Годинава со воз патувале само 19 отсто од анкетираните (1.208 од нив), додека најголем е бројот на млади кои одговориле дека не патувале воопшто со воз (2.411 испитаници, 38 отсто) и не се сеќавам кога последен пат сум патувал со воз (2.276, 35,8 отсто).
На прашањето „Во просек колку често патувате со воз?“, само 51 од 5.919 младите одговориле дека секој ден патуваат со воз, што е загрижувачки 0,9 отсто. Еднаш неделно патуваат со воз 232 млади лица (3,9 отсто), додека анкетата покажа дека еднаш месечно само 9,2 отсто од младите патуваат со воз (543 испитаници).
Одговорите што ги добивме од младите велат дека 23 отсто од нив со воз патуваат еднаш годишно (23 отсто), додека опцијата „не се сеќавам“ ја избрале 1.091 испитаник (18,4 отсто). Дури 44,6 отсто од анкетираните лица на ова прашање одговориле дека не патуваат со воз (2.638 испитаници).
Во онлајн анкетата што ја спроведовме го поставивме и прашањето „Кои се причините поради кои не го користите железничкиот превоз во земјава?“ и овде добивме многу поплаки за железничкото транспортно претпријатие. 1.355 испитаници, или 23,5 отсто од нив“, одговориле дека нема доволно возови за патување, на 1.265 млади лица, 22 отсто, им смета долгото патување со воз до крајната дестинација, додека 19,2 отсто (1.106 млади) рекле дека не патуваат поради нечистите возови.
5,4 отсто од младите, или 313 испитаници, одговориле дека не го користат возот поради тоа што возовите доцнат, додека прескапите билети се причина да не се патува со воз за 147 испитаници, или 2,5 отсто од младите кои ја одговориле анкетата. Високи 27,4 отсто (1.587 испитаници) рекле дека постојат други причини поради кои не патуваат со воз.
Притоа, на онлајн анкетата добивме и десетици коментари од младите во земјава, и тоа во огромен дел се поплаки за железницата. „Како да се возам со воз, кога во мојот град нема пруга“ е еден од коментарите што ги добивме, кои се апсолутно точни, бидејќи градови како Струмица, Охрид, Струга, Радовиш, Крушево, Берово и многу други населени места воопшто не се поврзани со пруга.
Покрај за неразвиената железничка инфраструктура, младите буквално се жалат на секојдневното работење на железницата. Тука пренесуваме само дел од коментарите:
„Само во вагонот на шоферите има клима/парно, а од хигиена само собирање на ѓубрето во возот. Дезинфекција и такви работи не очекувајте. Продажба на карти се додека не тргне возот, без разлика дали сите седишта се пополнети“
„Нема возен распоред, кога и да ѕвонам да прашам кога има воз не ми одговара никој на телефон“
„Често се случува да се расипе возот и да се стои на едно место по 3,4 или 5 часа, а МЖТ не преземаат одговорност и треба сами да бараме превоз од местото, кое најчесто е некое село каде не може да се најде ниту такси до дестинацијата каде првично сме тргнале“
„Треба и почесто и поубаво да се чистат возовите. Понекогш и нема доволно вагони. Не е убаво ниту правилно среде пандемија да бидеме наредени како сардини“
„Да се вратат мерките бесплатен викенд со млади со воз и студентскиот четврток!“
„Распоредите на возовите не се достапни онлајн“
„Многу често се случува возот да застане и да чекаме повеќе од 1 час за да го направат“
„Купувањето на карта во возот не ни резервира место“
„Искрено се возам со воз уште од мали нозе и единствена забелешка ми е тоа што не се одржува хигиена“
„Страшно неодговорни, никогаш не се известува за доцнењето на возовите“
„Лето нема клима, зима нема парно, од предвидени 4 часа Скопје-Битола се возиме по 5-6 часа. Ако се расипе, а тоа често се случува, тогаш може во Прилеп да треба да бараме друг превоз за до Битола“
Железници на РСМ-Транспорт на анкетата доби и по некој позитивен коментар од младите лица кои патуваат со воз во земјава:
„Патувам со воз скоро секоја недела од Битола до Скопје (и обратно). Прво кондуктерите се многу љубезни и културни. Возот е скоро секогаш навреме освен на лето кога не смее да вози многу брзо заради тоа што од топлото се шири пругата. Да, има многу застанувања, дури 39 на оваа релација, ама има предност што има ВЦ, штеќер за полнач. Јас времето го поминувам во гледање серии и филмови во возот пошто се патува 3 и пол часа. И картата е 157 денари во еден правец, со студентска легитимација.“
„Со воз е три пати поевтино отколку со автобус. Би било супер да се чистат и пак да има бесплатни викенди“
„Цените се океј, но стварно би требало да бидат пуштени повеќе возови и да се усогласи возниот ред“
Да потсетиме, „Мета.мк“ во изминатиов период постојано пишуваше дека патничкиот железнички превоз во земјава опаѓа. Поради ковид-19 пандемијата и малиот број на возови, лани е достигнат историски негативен рекорд на превезени патници со воз – само 253.058 патници. Во 2017, 2018 и 2019 година се регистрирани околу половина милион патници годишно во македонските возови, што е за неколку пати помалку во споредба 80-тите години од минатиот век, кога со воз во земјава годишно патувале над 6 милиони патници, но тогаш нашата земја била поврзана со десетици меѓународни возови кон другите држави од Југославија, но и со Европа.