Европскиот воз вчера пристигна во Скопје, ЕУ ја промовира железницата како превозно средство [галерија]

Фото: Мета.мк

Единствениот меѓународен патнички воз годинава меѓу Белград и Скопје вчера вечер пристигна на Железничката станица во Скопје. Европскиот воз „Connecting Europe Express“ го посети главниот град на земјава, за да ја испрати пораката на ЕУ дека иднината на транспортот е во железницата. Со возот од Белград допатува и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, а европскиот воз на железничката станица беше пречекан и од евроамбасадорот Дејвид Гир и директорот на ЈП за железничка инфраструктура-Железници на РСМ Хари Локвенец.

„Connecting Europe Express“ тргна од Лисабон на 2 септември годинава, а до својата крајна дестинација Париз ќе пристигне на 7 октомври. Европскиот воз ќе посети 26 европски земји и над 100 града, а на 36-дневното патување ќе помине илјадници километри низ Европа. На овој начин, ЕУ ја одбележува годинава за европска година на железницата, испраќајќи порака дека ќе го стимулира користењето на железницата како превозно средство.

Евроамбасадорот Дејвид Гир од скопската железничка станица порача дека железницата претставува транспортот на иднината, кој овозможува поголема поврзаност и е поеколошко и поодржливо превозно средство.

ЕУ има конкретен план да ја постигне климатската неутралност до 2050 година, при што развојот на железничкиот превоз е една од главните активности што ќе ги преземе за да се постигне намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата. Според податоците на EURail, со патувањето на еден патник со воз е пресметано дека се испуштаат три пати помалку јаглерод диоксид во атмосферата наспроти патувањето со автомобил, како и четири пати помалку CO2 во споредба со користењето на авион.

Покрај тоа што ЕУ инвестира огромни средства во развој на железничката инфраструктура и транспорт во нејзините земји-членки, Унијата во моментов е и најголем инвеститор во железницата во Северна Македонија, овозможувајќи неповратни средства за изградба на втората и третата фаза од железничката пруга кон Бугарија, а од неодамна ЕУ се заложи и за целосна обнова на пругата од Коридорот 10, ветувајќи дека финансиски ќе ја поддржи Србија во обнова на постојната железничка делница од Белград до границата со земјава.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера вечер ѝ се заблагодари на ЕУ што ја вклучила нашата земја во иницијативата посветена на годината на железницата. Тој вчера присуствуваше на Меѓународниот самит во Белград, каде со останатите министри од регионот ја потпишаа Декларацијата и меморандумите за соработка, со што тие повторно се заложија за модернизација на железничката инфраструктура, за изведба на заеднички железнички гранични премини за скратување на времето на патување и за повторно воведување на меѓународните експресни возови меѓу градовите од Западен Балкан.

Инаку, од Скопје во моментов не може да се отпатува со воз кон ниту една држава во регионот. Возот кон Белград и Солун е укинат, а единствениот воз кон Приштина веќе неколку месеци не сообраќа, и покрај тоа што е впишан во годинешниов возниот ред.