fbpx

АНАЛИЗА: Општински буџети – најмногу се троши за плати, главен приход се трансферите

Платите, придонесите и надоместоците се доминантна расходна ставка во општинските буџети

-

Општина Сарај со највисока стапка на реализација на приходите по основ на данок на имот во период од половина година. Дел од општините имаат позначајни приходи и од наплата на такси и надоместоци. Платите, придонесите и надоместоците се доминантна расходна ставка во општинските буџети, пишува Порталб.мк.

Приходи и трошења на Струга, Тетово, Чаир, Сарај, Липково…  

Општина Струга во првата половина од годинава од данокот на имот наплатила 568.400 евра, што претставува 35,6 отсто од планираните приходи за целата година по овој основ. Најголема приходна страна се трансферите кои во првите шест месеци изнесувале 6.354.500 евра. Позначителен износ од 1.500.000 евра е слеан во општинскиот буџет преку ставката „даноци на специфични услуги“.

На расходната страна за плати, придонеси и надомесетоци се исплатиле 5.900.000 евра, што претставува и најиздашна трошковна ставка. По основ на „други градежни објекти“ се исплатени 785.000 евра, а во првите шест месеци оваа општина за купување возила потрошила 52.000 евра. По основ на привремени вработувања се потрошиле 30.000 евра. На приходната страна реализацијата изнесува 44,8 отсто, а на расходната страна 44,3 отсто.  

Една од поголемите локални самоуправи, Општина Тетово во првото економско полугодие од данок на имот наплатила 1.012.000 евра, што претставува 49 отсто во однос на планот и е една од повисоките стапки во однос на состојбата со наплатата кај останатите анализирани општини. Преку трансфери на сметката на општинскиот буџет се слеале 10.792.000 евра. На приходната страна од продажба на земјиште се наплатиле 127.400 евра, а од такси и надоместоци 248.100 евра.

На расходната страна од буџетот за исплата на плати, придонеси и надоместоци, за шест месеци, се исплатиле 9.800.000 евра што претставува и највисока трошковна страна на општинскиот буџет. Преку договорни услуги се исплатени 1.131.000 евра, а за привремени вработувања 406.000 евра. За шест месеци реализацијата на приходите е со 46 отсто, а на расходите со 43,2 отсто.  

Скопската општина Чаир од данок на имот наплатила 675.000 евра, што претставува 55,9 отсто во однос на годишниот план, што ја вбројува во групата на локални самоуправи со повисока стапка на реализација за период од половина година. Преку трансфери на сметката на оваа општина се исплатени 5.215.000 евра, додека од такси и надоместоци се наплатени скоро 162.000 евра.

На расходната буџетска страна за плати, придонеси и надоместоци се потрошени 4.602.000 евра. За „други градежни објекти“ се исплатени скоро 570.000 евра, а за договорни услуги речиси 500.000 евра. За шест месеци за купување на опрема и материјали се потрошени скоро 44.000 евра. Буџетските приходи се реализирани со 42,8 отсто, а буџетските расходи 41,9 отсто.              

Општина Сарај е на прво место во однос на анализираните општини според процентот на остварување на приходите по основ на данок на имот. За шест месеци наплатени се 68,4 отсто или 164.400 евра. Преку трансфери оваа општина добила 3.060.000 евра, а една од повисоките приходни ставки е „даноци на специфични услуги“ во износ од 406.000 евра. За плати, придонеси и надоместоци за половина година се потрошени скоро 2.600.000 евра, преку ставката “други градежни објекти” биле исплатени 374.500 евра, а за по основ „субвенции за јавни претпријатија“ 260.000 евра. Преку буџетската ставка „договорни услуги“ за половина година се исплатени 102.500 евра. На приходната страна, буџетската реализација изнесува 35,6 отсто, а на расходната 34,3 отсто.  

Општина Липково од кумановскиот регион од наплата на данок на имот обезбедила приход во износ од 111.300 евра, што претставува 55,5 отсто во однос на планот и ја вбројува во групата на оние со реализација повисока од 50 отсто. Приходите по основ на трансфери во првата половина од годината изнесувале 2.760.000 евра. За плати, придонеси и надоместоци се потрошени скоро 172.000 евра. По основ на „други градежни објекти“ се исплатени 295.000 евра, а за договорни услуги скоро 90.000 евра. Оваа општина е со еден од пониските нивоа на реализација на вкупните приходи, за шест месеци 30,4 отсто, а расходната буџетска реализација изнесува 29,4 отсто. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...