Фото: Скриншот од веб-страница на ДЗС

Лидерите на Алијанса на Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, денеска на прес-конференција во Собранието истакнаа дека не го прифаќаат одложувањето на теренското попишување, кое требаше да почне на 1 април, а е одложено за на 5 септември. Тие најавија дека нивните 12 пратеници ќе гласаат против промена за Законот за попис.

Гаши истакна дека ќе ги искористат сите средства во нивна моќ, за пописот да продолжи

„Оваа форма на одложување на пописот, како што постапија Заев и Мицкоски за нас е неприфатлива. Пописот не треба да се политизира, туку конечно да знаеме колку сме и да се носат одлуки врз основа на тоа,“ изјави Гаши.

Села пак рече дека тие имаат механизам да спречат промена или одложување на Законот за попис преку Бадинетеровото мнозинство.

„Аргументите поврзани со пандемијата не држат, бидејќи процесот на попишување не е поразличен од прес-конференцијата што денеска ја имаме тука. За пописот постои закон, кој треба да се почитува и спроведе до крај,“ рече Села и ги повика попишувачите да продолжат со своите задолженија.

Во врска со најавената средба утре со премиерот Зоран Заев во врска со Законот за државјанство, Гаши и Села рекоа дека не добиле покана.