fbpx

На 18 февруари на Конгрес ќе се одлучува дали ќе се разреши Таравари од лидер на Алијанса за Албанците

Централното претседателство денеска заседаваше со часови, а Зијадин Села изјави дека за поведување на иницијативата за разрешување гласале 106 од вкупно 108 присутни делегати на Собранието (од вкупно 122 делегати), додека еден бил против и еден воздржан

-

Дали лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари ќе остане претседател на партијата ќе се знае на 18 февруари кога партискиот Конгрес ќе одлучува по иницијативата за негово разрешување која денес ја поднесе Централното собрание на партијата чиј претседател е Зијадин Села. Централното претседателство денеска заседаваше со часови, а Села изјави дека за поведување на иницијативата за разрешување на Таравари гласале 106 од вкупно 108 присутни делегати на Собранието (од вкупно 122 делегати), додека еден бил против и еден воздржан.

На седницата беше министерот за правда Кренар Лога и директорот на Агенцијата за запленет имот Дритон Небиу, а Таравари не се појави.

„Чекавме да дојде претседателот Таравари таму каде што припаѓа, а тоа е во Централното собрание како највисок орган помеѓу два конгреси. Тој не дојде. Според тоа, бевме принудени да одлучуваме по предлог на дел од членовите дека првата точка на дневниот ред, односно отчет од претседателот Таравари за сработеното, е беспредметна. Отчетот на претседателот се замени со иницијатива за разрешување на претседателот, според членот 38 од Статутот на партијата“ изјави претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на АА, Зијадин Села, додавајќи дека причина за иницијативата за разрешување на Таравари е грубо кршење на статутот.

Инаку, Зијадин Села е со став дека Алијанса за Албанците не треба да влегува во предизборни коалиции со албанската опозиција, додека Арбен Таравари ја предводи иницијативата за изборно коалицирање со здружениот Европски сојуз за промени, каде што се вклучени Алтернатива (Африм Гаши), Демократското движење (Изет Меџити) и партијата Беса (Билал Касами).

„Одлуките за коалиции не се прават преку статуси на социјалната мрежа „Фејсбук“ туку се зборува со членството и претседателството и потоа се носи одлука на Централното собрание, без да се прави шоу на социјалните мрежи. Зацртано и во програмата ќе биде, дека најпрво, кој било да биде мандатар за нова власт, прво треба да се случат уставните измени, па потоа да се оди на формирање на влада“, потенцираше Села и не откри дали претендира повторно да го заземе лидерското место.

Села пред една недела ја закажа седницата на Централното собрание, а Таравари пак како контра одговор закажа друг состанок кој се одржа завчера во Куманово.

Вчера нешто пред полноќ, на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, во Собранието со 62 гласа „ЗА“ беа разрешени министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу кои во расколот во Алијанса застанаа зад актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари.

Новите предлози за министри – за здравство Илир Демири и за информатичко општество Наим Бајрами се луѓе кои се дел од крилото кои го поддржуваат Села. За нив Собранието ќе гласа в понеделник.

Собранието ги разреши министрите на Алијанса, Меџити и Алиу

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...