fbpx

Ако сте се сликале за документи кон крајот на декември, не се мачете да чекате ред да ги земете

Граѓаните кои се фотографирале, со часови чекаат на пунктот во зградата на МРТВ, за кога конечно ќе дојдат на ред, да им биде кажано дека документот е изработен, но не е доставен

-

„Ако сте се сликале за лични документи после 27 декември, воопшто не се трудете да чекате и да зафаќате место, подобро да си одите, не се пристигнати кај нас“. Вака денеска им се обратија вработените во пунктот на МВР на редиците од луѓе кои чекаа да си ги подигнат личните документи.

Но, „патот“ што треба да го поминат новите лични документи наликува како тие да се носат од друга држава. Па така, иако на граѓаните кои се фотографирале за пасош, лична карта или возачка дозвола им се вели да дојдат да си ги подигнат за 15 дена, тие не се готови дури и по месец и половина.

Граѓаните кои се фотографирале, со часови чекаат на пунктот во зградата на МРТВ, за кога конечно ќе дојдат на ред, да им биде кажано дека документот е изработен, но не е доставен. Три дена пред да почнат и официјално да важат документите со новото име на државата, Република Северна Македонија, хаосот сè повеќе се зголемува. Граѓаните губат работни денови чекајќи да си ги подигнат документите, се пропуштаат службени и приватни патувања, се губи трпението.

Дополнително, речиси невозможно е да се закаже термин на телефонските броеви, бидејќи линијата постојано е зафатена или пак, доколку добиете, се вклучува музика која трае неколку минути, а потоа линијата се прекинува. Мета.мк вчера објави дека за два часа, свртевме точно 204 пати, но не успеавме да добиеме. По објавувањето на текстот, ни пишаа десетици граѓани, а еден од нив, успеал да закаже после вртење од точно 1.717 пати. Термин му бил закажан во мај годинава. Наша читателка пиша и дека нејзиниот сопруг вози камион надвор од државата, но пасошот му е полн со печати, по што мора да се замени со нов, но во наредниве месеци нивната егзистенција е загрозена, бидејќи нема да може да работи.

Двесте повици за два часа – нула термини за пасош и лична карта

Невозможно е закажувањето на термин ниту на веб-страницата uslugi.gov.mk која претходно функционираше. Кога ќе го пополните барањето за нов издавање нов пасош, полето каде што треба да одберете пункт не функционира и пишува дека е оневозможено, а со тоа и закажувањето.

Принтскрин, Мета.мк

 

Проблем имаа и граѓаните кои ќе се затекнат во странство. Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека се наоѓаат начини да се надмине проблемот, односно на македонските државјани кои ќе се затекнат во странство со пасош со старото име ќе може да се вратат со патни листови издадени од нашите дипломатско-конзуларни претставништва.

Османи рече дека вчера имал целодневен состанок со сите 60 дипломатски претставништва, со сите вработени во секое од тие ДКП.

„Има одредена паника дека тие што немаат нови пасоши, по 12 февруари ќе ги изгубат работните места и особено оваа паника е кај нашинците во Берлин, Бон, Минхен, Берн, Венеција, Рим, Љубљана… и други, има наплив на барања за нови патни исправи. Нема простор да паника. Тие што ќе се затекнат со пасош со старото име, ќе може да се вратат со патни листови издадени од нашите ДКП“, вели Османи.

Во Германија и во Италија однесени се две нови мобилни станици за да може паралелно со веќе постоечките базни станици да можат да ги примаат апликациите за нови пасоши.

Воедно, Грција ги има информирано сите држави дека по 12 февруари влегува во сила обврската.

„Мислам дека стратегијата треба да е да се работи како да ќе нема флексибилност“, кажа Османи.

Со одлуката на новиот министер на МВР, Панче Ташковски, од завчера пунктот за фотографирање за лични документи во ПС Пролет не работи како претходно, кога можеа да дојдат луѓе без закажан термин. Тој е трансформиран во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин. Сега има случаи кога на луѓе кои на пример, имале закажан термин во октомври, да им се јават и да им презакажат за порано. Но, за оние кои досега немаат закажано термин, допрво ќе следува патешествието, за закажување, а потоа и за подигнување.

Менувањето на личните документи со новото име на државата доаѓа по потпишувањето на Преспанскиот договор во јануари 2019 година. Но, до јули 2021 година, односно 2,5 години подоцна, граѓаните добиваа лични документи со старото име, Република Македонија. Овој јаз од 2,5 години дополнително придонесе да се скрати рокот за апликација за лични документи.

Дополнително, владините претставници во 2018 година изјавуваа дека граѓаните нема да имаат никаков дополнителен трошок и дека патните исправи ќе се менуваат откако ќе им истече рокот.

„Во однос на трошоците тоа што можеме во моментот да кажеме е дека нема да има да се менуваат во еден ден сите патни исправи, туку која патна исправа како и истекува рокот ќе се менува. Што значи тие трошоци во однос на патни исправи ќе бидат во насока на редовните трошоци на вадење патни исправи кои ги имаат граѓаните на РМ. За сите други трошоци во моментот се прави анализа постои можност истите да бидат спакувани на начини на кој граѓаните на Р. Македонија нема да почувствуваат никаков дополнителен трошок“, изјави тогашниот владин портпарол Миле Бошњаковски, на 14 јуни 2018 година.

Мета факт: Невистинита е изјавата од Владата во 2018 дека граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци за лични документи

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЈСП: Неделен возен ред на велигденските празници

ЈСП соопшти дека од утре, петок, до понеделник јавниот превоз јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред. Утре ќе има исклучок за линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 55,...