Штипските ученици од „Јане Сандански“ победија на националниот турнир во друштвената игра „Изборологија“

Изборологија е онлајн друштвена игра која симулира вистинско сценарио за парламентарни избори во нашата земја, дозволувајќи им на играчите да ги контролираат политичките партии и да се натпреваруваат за гласови

фото: Здружение ЛЕАД

Учениците од СОУ „Јане Сандански“ – Штип се победници на првиот национален турнир за средношколци во друштвената игра за политичка едукација „Изборологија“. Турнирот на кој се натпреварувале десет средни училишта од цела земја го организираа здружението ЛЕАД во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Настанот ја нагласи важноста на политичкото образование и едукацијата на младите гласачи пред остварувањето на нивното право на глас, велат од ЛЕАД.

Изборологија е онлајн друштвена игра која симулира вистинско сценарио за парламентарни избори во нашата земја, дозволувајќи им на играчите да ги контролираат политичките партии и да се натпреваруваат за гласови.

„Играта е многу интересна, посебно за нас младите. Научивме многу повеќе за изборниот процес, како се поделени изборните единици, што е Донтов модел и како се распределуваат гласовите“, изјави Росица Карашова, ученичка од СОУ „Јане Сандански“ – Штип.

Примарна цел на играта е да ги образува младите од Северна Македонија за сложеноста на политичкиот систем, а со тоа да поттикне генерација на информирани и совесни гласачи.

Самата игра ги претставува сложените политички концепти и процеси достапни и разбирливи за најмладите генерации.

„Онлајн играта е одличен начин да се добијат детали за политичкиот систем и како функционира демократијата. Задоволен сум што учениците и нивните наставници се толку заинтересирани да научат повеќе за политиката во земјата и играат со многу ентузијазам. Исто така, би сакал да им се заблагодарам на нашите партнери ЛЕАД и на програмерите на Изборологија што ја дадоа оваа одлична можност“, изјави Даниел Браун, претставник на фондацијата Конрад Аденауер.

Победничкиот тим од штипското училиште оствари средба со претставници на организаторите, но и со претставници од Парламентарниот институт кои им овозможија едукативна обиколка на Собранието на Северна Македонија, запознавајќи ги поблизу со законодавниот дом.

На 29 февруари следува нов национален турнир во друштвената игра за политичка едукација „Изборологија“. И тогаш учество ќе земат 10 нови училишта, а за тимот на училиштето што ќе победи следува награда од 10.000 денари за училиштето.