fbpx

Двесте повици за два часа – нула термини за пасош и лична карта

Огромен број граѓани не успеаја да извадат нови патни исправи до 12 февруари, а со стари патни исправи ќе останат и бројни македонски државјани коишто се во странство и нема да можат да се вратат дома. Едните се заробени во сопствената држава, а другите нема да можат да се вратат, реагираат од Хелсиншкиот комитет

-

Откако пунктот за вадење лични документи во полициската станица „Пролет“ сега работи само со закажувања, се вжештија телефонските линии за закажување, а термин не може да се закаже ниту на страната за онлајн закажувања, бидејќи има технички проблеми.

Граѓаните се жалат дека губат часови и часови на вртење телефони за да дојдат до термин за вадење лични документи, но дека во последниве два дена тоа е речиси невозможно.

Редакцијата на Мета.мк во периодот од 11 до 13.10 часот ѕвонеше точно 204 пати на бројот за закажување 072929292, но до термин не дојдовме. Најчесто, бројот е зафатен и се гаси по неколку секунди. Ако имате среќа и сте упорни, можеби ќе стигнете до делот каде што се бира јазик на кој сакате да говорите со операторот, но потоа залудно ќе слушате музика додека повикот не се прекине.

Фото: Мета.мк

Со одлуката на новиот министер на МВР, Панче Ташковски, од вчера пунктот за фотографирање за лични документи во ПС Пролет не работи како претходно, кога можеа да дојдат луѓе без закажан термин, туку се трансформира во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин.

Во соопштението на МВР се вели дека оваа одлука е донесена за да се воведе ред наместо хаос.

По социјалните мрежи, граѓаните објавуваат дека се принудени да одложуваат службени и приватни патувања поради тоа што ги немаат документите потребни за излез од државата.

Денеска да ти бил Свети Термин Пасошовски. Добивме лотарија дечки, конечно некој се јави од другата страна после неколку часовното чистење со инструменталката на Влатко Стефановски. И не удостоија со свети термин за два месеци од сега, поитна постапка не можеше да се деси. Бог нека ни е напомош, фала ти Влатче за композицијата. Има нешто светло и добро во овој понеделнички почеток. Немојте да очајувате, чудата се можни, пишува граѓанин на социјалните мрежи.

Во моментов, со важечки лични карти македонските граѓани може да патуваат само во Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Отежнат е и процесот за граѓаните кои се спремни да дадат 100 евра за вадење на пасош по брза постапка поради зафатените телефонски линии.

Според информации кои ги добивме од МВР, до вчера се издадени 1.112.703 лични карти, 1.297.447 патни исправи и 575.844 возачки дозволи со новото уставно име. Доколку се земе предвид пописот од 2021 година, вкупниот број на жители изнесува 1.836.713, што значи дека без патни исправи со новото име на државата се повеќе од половина милион граѓани.

Хелсиншки комитет: Прекршени се основните човекови права на слободно движење

Според Хелсиншкиот комитет, граѓаните нема да можат да го уживаат своето уставно и основно човеково право на слободно движење кое се гарантира со сите меѓународни документи и акти за човековите права.

Основното човеково право кое значи слободно излегување и влегување во земјата е ограничено поради технички причини кои не се обезбедени од страна на државата и надлежните институции.

„Огромен број граѓани не успеаја да извадат нови патни исправи до 12 февруари, а со стари патни исправи ќе останат и бројни македонски државјани коишто се во странство и нема да можат да се вратат дома. Едните се заробени во сопствената држава, а другите нема да можат да се вратат. Ваквата неорганизираност влијае на илјадници наши сограѓани и доведува до елементарно прекршување на правата на граѓаните кои од различни причини имаат потреба да излезат од границите на државата“, велат оттаму.

Покрај тоа, Хелсиншкиот комитет смета дека институциите на државата се однесуваат крајно понижувачки кон своите граѓани и тоа не само заради целиот хаос околу вадењето на документите, туку и во однос на прекршувањето на уставните права на граѓаните и бараат надлежните институции во најбрз можен рок да изнајдат соодветни решенија и да ја амортизираат штетата што им ја предизвикуваат на граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...