Агитирање на гласачи, обид за фотографирање на гласачки ливчиња, неовласетни лица кои ги евидентираат гласачите, забележале набљудувачите на граѓанската асоцијација „Мост“ на гласачките места.

– На гласачко место 1.778, општина Ново Село, едно лице агитирало пред гласачкото место. Дошла полиција за да го приведе, но лицето побегнало. Пред ОУ „Димитар Влахов“ во Штип присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите што влегуваат во објектот. На гласачкото место 281, во Валандово, гласач го фотографирал ливчето. Избирачкиот одбор повикал полиција по што гласачот бил отстранет од гласачкото место, а фотографијата била избришана – се вели во соопштението на „Мост“.

Оттаму додаваат дека на гласачкото место 1.580/1, за кое тие известија на претходната прес-конференција, избирачкиот одбор продолжува со толерирање на фотографирањето на ливчињата.

Во однос на случајот на фотографирање на гласачко ливче во гласачко место 2.556, ливчето било изолирано и ќе биде сметано за неважечко.