Фотомонтажа со генералниот секретар на СДСМ

Дали мотивот на нејзиниот автор бил да ја насмее публиката (што би се оценило како сатира) или да ја дезинформира, не знаеме со сигурност, но сигурно е дека тука се работи за изменета содржина

-

Фотографија го прикажува генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, како јава коњ наопаку (свртен наназад, а не нанапред во правец на движењето на коњот), што остава впечаток дека е несериозен и дека сторил нешто смешно и апсурдно, но тоа е всушност фотомонтажа, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е вметната фотографија проследена со следниве зборови:

Да прашам, генсекот на СДСШ Миле Северџан Зечевиќ Ла*нарски до каде е на патот за Крушево?

На фотографијата е прикажан генералниот секретар на политичката партија СДСМ, Миле Зечевиќ, во една смешна сцена како јава коњ однаопаку (свртен наназад, а не нанапред во правец на движењето на коњот). Лево од Зечевиќ, на фотографијата гледаме еден негов придружник (најверојатно сопартиец), кој го јава својот коњ на вообичаен начин, што остава впечаток дека Зечевиќ е несериозен, дека сторил нешто апсурдно и сл., но всушност се работи за фотомонтажа.

Е сега, дали мотивот на нејзиниот автор бил да ја насмее публиката (што би се оценило како сатира) или да ја дезинформира (што е ширење на невистини), тоа не го знаеме со сигурност, но сигурно знаеме дека тука се работи за изменета содржина.

Правењето на сатирични монтажи од политичари е легитимно во една демократија, но тоа знае да забега и во злоупотреби. Пример за тоа видовме кога на фотографија од неуспешниот атентат врз Доналд Трамп, на негов телохранител ликот му беше изменет за да изгледа како да се смее во таа трагична ситуација. Вистиномер честопати налетува на такви фотомонтажи, па е доста претпазлив околу тоа.

Поупатените корисници на Фејсбук сигурно сфатиле дека објавата што ја рецензираме содржи фотомонтажа, но за секој случај, добро е тоа да се објасни за oние помалку упатените, на кои ова може да им биде полезно за во иднина.

Како основа за таа фотомонтажа е земена фотографија објавена на интернет од страна на СДСМ на 1.8.2023 г., која потоа ја презеле и медиумите, со цел да јават дека партијата организирала коњички марш до прославата на празникот Илинден во Крушево, како што тоа од поодамна го прават и други партии, здруженија на граѓани и сл.

На оригиналната фотографија гледаме колона од јавачи на чело со Зечевиќ, која се движи од лево кон десно, но авторот на монтажата го издвоил (отсекол) делот кај што се наоѓа Зечевиќ, со цел да го употреби за нејзина изработка и со тоа да го акцентира политичарот, т.е. за тој да биде в средина, а не сосема десно како во оригиналот. Притоа, во кадар намерно бил оставен придружникот на Зечевиќ, за во споредба со него Зечевиќ да делува апсурдно и „недоветно“, а за тоа да се постигне било сторено следново.

Фигурата на Зечевиќ била издвоена (отсечена) од оригиналната фотографија како да е самостоен објект во слободна форма, а тој потоа бил превртен (за Зечевиќ да гледа од десно кон лево, како одраз во огледало), за на крај тој објект да биде накалемен врз коњот. Така на крајот излегло дека Зечевиќ седи наопаку и не го гледа патот пред себе, туку гледа во правец на опашката на коњот, што е потполно апсурдно.

На маицата со куси ракави, која Зечевиќ ја носи на фотографијата, има стилизиран приказ на крушевскиот споменик Македониум, а под тоа стои бројката „120“ и натписот „Илинден“, што укажува на 120-годишнината од Илинденското востание. На изменетата фотографија, тој натпис е нејасен и нечиток, затоа што е наопаку, како одраз во огледало, а кај придружникот на Зечевиќ, кој носи иста таква маичка, натписот е во ред.

Кога се прават вакви монтажи, секогаш има понекоја несовршеност, понекој детаљ што „штрчи“, па изгледа дека авторот на оваа фотомонтажа користел и некои алатки за тоа да го затскрие. Тоа се алатки за ретуширање, „замачкување“ или клонирање на детали од еден дел од сликата во друг дел од неа. Такво нешто гледаме на десниот дел од седлото на Зечевиќ, а тоа се некакви чудни белини, кои не делуваат баш како природен отсјај од сонцето, каков што инаку има на оригиналната фотографија.

Земајќи го предвид сето досега наведено, оценуваме дека во објавата која тука ја рецензиравме, е вметната изменета содржина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Собирам пари за УКИМ“ – уметничка акција за истакнување на проблемите на студентите

Студентите кои денеска ги запишуваа своите трети, петти и седми семестри на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) налетаа на необична глетка - предмети како монитори, книги, јакни и...