Вкупно 29 пожари на отворено имало во текот на вчерашниот ден на територија на цела држава од кои 21 се изгаснати, два се ставени под контрола, а 6 пожари сé уште се активни, изјави вчера директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Најтешкиот пожар, како што информира Ангелов, е на територија на општина Макдонски Брод, кој е навлезен на територија на ловиштето „Јасен“ и еден крак се движи кон викенд населбата на брегот на езерото Козјак.
Таму дејствуваат со еден полициски хеликоптер, шест „ер трактори“, 40-тина пожарникари од Унгарија со специјални возила, како пожарникари од земјава и вработени од ДЗС и од „Национални шуми“.
Ангелов соопшти дека има пожар и во општина Охрид, кој се движи кон Ресен, поточно од врвот Магаро кон Стење.
Активен пожари има и во Општина Новаци, село Полог, каде дејствуваат локални пожарникари со девет припадници на „Национални шуми“. Пожар има и во општина Кичево, кај село Челопеци,
Два активни пожари има во Струга, едниот кај село Долна Белица, каде гори ниска вегетација, а вториот пожар е кај струшките села Татеши – Добовјани.
Апелираат граѓаните да не користат пиротехнички средства при прослави и семејни веселби, кои потоа можат да предизвикаат пожари.