fbpx

Зеленски во посета на Атина, се сретна со Вучиќ и Денков

Во грчкиот главен град се одржува самитот меѓу Украина и Балканот, а истовремено се одбележува и 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан

-

Украинскиот претседател Володимир Зеленски е во посета на Атина, каде што се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ и со бугарскиот премиер Николај Денков. Во грчкиот главен град се одржува самитот меѓу Украина и Балканот, а истовремено се одбележува и 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

На средбата со бугарскиот премиер Денков, претседателот Зеленски имал разговор за натамошна соработка меѓу двете земји, безбедноста во Црното Море и алтернативни коридори за извоз на украинското жито. Зеленски денеска ќе се сретне и со други балкански лидери, пишува Гардијан.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот украински колега Зеленски се состанаа во Атина, по што Вучиќ објави дека Србија ќе продолжи да го поддржува територијалниот интегритет на Украина, додавајќи дека мисли оти и Украина нема да го промени нивниот став кон Косово, пренесува белградскиот весник Данас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по состанокот со Александар Вучиќ напиша дека имал отворен, искрен и плоден состанок со неговиот српски колега.

„Добар разговор за почитувањето на Повелбата на ОН и неповредливоста на границите. За заедничката иднина на нашите народи и заедничкиот европски дом. Да ги развиваме нашите односи, тоа е во наш заеднички интерес“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X (поранешен Твитер).

Наспроти дипломатската офанзива на Зеленски, на фронтот во Украина продолжуваат и воените дејствија, во кои украинските сили постигнуваат успеси. Заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар информираше дека украинските сили успеале да влезат во селото Роботине во регионот Запорижја, успеале да напредуваат кон ова населено место, да ги консолидираат нивните позиции и да нанесат удари врз цели на противникот, пренесува Укринформ.

Офанзивните дејствија на украинските сили се одвиваат во околината на Бахмут во Донецкиот регион и во правецот кон Мелитопол во регионот Запорижја. Наспроти нивните дејствија, од украинскиот Генералштаб признаваат дека руските сили вршат притисок врз позициите на украинската војска во областа на Купјанск во Харкивскиот регион и Лиман во Донецкиот регион. Украинските сили го ограничуваат напредувањето на руските сили во овие населени места, јавува Укринформ. 

Надвор од првите борбени линии, Украина успеа со напад на дрон за првпат да уништи суперсоничен руски бомбардер, Туполев Ту-22, ги пренесува Гардијан информациите на Би-би-си и украинските медии. Снимки од бомбардерот зафатен од оган беа објавени на социјалните мрежи, а од утврдените детали од Би-би-си за овие снимки произлегува дека тој бил лоциран на воен аеродром во рускиот регион Новгород. Украина ретко ги коментира нападите што ги извршува врз територијата на Русија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Силјановска Давкова стана претседателка, при заклетвата не го користеше уставното име

Новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова, на денешната инаугурација во Собранието, при положувањето на заклетвата избегна да го каже уставното име на државата. Иако претседателот на...