fbpx

Сиљановска Давкова стана претседателка, при заклетвата не го користеше уставното име

Силјановска Давкова во својот говор се посвети на феминизмот и повика на единство, но предизвика и своевиден дипломатски скандал со тоа што не го користеше уставното име на државата по што грчката амбасадорка Софија Филипиду во знак на протест ја напушти собраниската седница

-

Новата претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, на денешната инаугурација во Собранието, при положувањето на заклетвата избегна да го каже уставното име на државата. Иако претседателот на Собранието Јован Митрески, ја читаше заклетвата што требаше да ја повтори претседателката Силјановска Давкова, таа ги пропушти зборовите Република Северна, и наместо тоа, рече само Македонија.

Со тоа, новата претседателка предизвика и своевиден дипломатски скандал бидејќи веднаш потоа, грчката амбасадорка Софија Филипиду во знак на протест ја напушти собраниската седница.

Давкова во својот говор повика на единство и побара повеќе жени да бидат поставени на водечки функции.

„Време е за единство и затоа им се обраќам на жените. Единството е женска филозофија. Ние жените се грижиме не само за себе, туку и за останатите“, рече Сиљановска Давкова.

Новата претседателка, во својот говор дече дека многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 проценти (мислејќи на процентот на жените пратенички во сегашниот состав на Собранието).

„Не случајно држава е во женски род, политика е во женски род, демократија е женски род и Македонија е во женски род. Помогнете им пратеници витези на жените да го изразат тоа што не можеле досега. Ветувам дека ако го направиме тоа сите ќе бидете горди на Македонија, како што сум јас на мојот народ. Така ќе се европеизира и ќе ги надминеме балканските поделби“, рече Сиљановска Давкова.

Таа исто така, посочи дека сè уште не ѝ се верува дека за нејзе гласале 560.000 граѓани.

„Единствениот кој тврдеше дека ќе се случи тоа е Мицкоски, а јас одговорив, не е можно, на што тој одговори дека не е професор за уставно право туку математичар и тоа се случува кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите“, рече Сиљановска Давкова.

Грчкиот весник „Катимерини“, по инугурацијата на новата претседателка објави дека амбасадорката си замина во знак на протест поради некористењето на уставното име.

Во текстот се потсетува и на изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дадена вчера, кој посочи дека со загриженост ги следи дел од изјавите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа. Но, го прифатив во контекст на континуитетот на државата и сфатив дека, и покрај моето несогласување, морам да го почитувам. Сакам да се надевам дека она што се слушаше пред изборите нема да се слушне по изборите. Ако тоа се случи, ќе имаме проблеми “, рече Мицотакис.

По инаугурацијата реагираше и портпаролот на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, кој во името на партијата рече оти новата претседателка „го погази Уставот уште при првата реченица, не споменувајќи ни Република, а камо ли Северна Македонија“.

Според него, таа иако повика на единство, „ги исклучи сите луѓе од единството“, а нејзиниот говор го окарактеризира како „говор за 8-март, без да се спомене НАТО и сите предизвици кои ни престојат“.

„Ниту еден збор за ЕУ, ниту за евроинтегративниот процес. Ниту збор немаше за негување на добри меѓуетнички односи, ниту за Рамковниот договор, ниту за Преспанскиот договор, ниту за добрососедскиот договор со Бугарија – намерно не ја спомена и честитката од претседателката на Косово“, рече Адеми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...