Околу 150 граѓани се собрани пред Владата за преку протест да го искажат својот револт од содржината на снимките што вчера ги објави лидерот на опозцијата, Зоран Заев, и да бараат одговорност и оставки од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и од портпаролот, Иво Котески, за полициската бруталност.
Кратко време по почетокот на протестот, насобраните почнаа да фрлаат јаболка врз Владата и скршија една светилка.
Тоа беше повод полицијаците кои се таму да ја засилат опремата и да навлечат панцири.
Протестантите извикуваат „убијци“ и бараат оставки.
Дел од нив им се обраќаат на полицајците, прашувајќи ги на чија страна се и им велат дека се наоѓаат на погрешната страна од оградата бидејќи нивна примарна задача е да ги заштитуваат граѓаните.
На заштитната ограда пред Владата се поставени листови хартија на кои се испишани слоганите „Слобода за Љубе“ и „Слобода за Македонија“.
Дел од присутните носат маички со овие слогани.