fbpx

Владата да поднесе оставка, а полицијата да одбере страна, побараа граѓаните

-

Неколку стотини граѓани денеска протестираа пред Владата каде го искажаа својот револт од она што цело време го знаеле или го насетувале, но за кое вчера и претходните денови добија доказ по снимките што ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

На протестот, кој траеше нешто повеќе од два часа, насобраните граѓани со високо крената испружена рака, алудирајќи на нацистичкиот поздрав, скандирајќи „Убијци“ и „Садисти“, побараа оставка од Владата, додека низ разгласот се пуштаа делови од аудиоснимките од прислушуваните разговори.

Во исто време додека траеше протестот, од другата страна на заштитната ограда, полицајци во цивилна облека ги снимаа насобраните граѓани.

На протестот можеа да се забележат личности од општествениот и од културниот живот во земјата, дојдени да го искажат својот револт и згрозенот од односот на лицата од снимките и од нивното поигрување со човечките животи.

– Згрозени сме и загрижени од тоа што го слушнавме вчера, од тоа како си играат со човечките животи. Нè тераат да бараме азил во друга држава – рече актерката Силвија Стојановска.

Активистот Петрит Сарачини ги праша полицајците кои беа таму на чија страна се, потсетувајќи ги дека кога давале заклетва, се заколнале во Уставот, во кој членот 2 вели дека суверенитетот доаѓа од граѓаните и ним им припаѓа.

– За многу кратко време ќе мора да одберете на чија страна сте. Дали сте на страната на садистите или на граѓаните – рече Сарачини.

Кратко време по почетокот на протестот, насобраните фрлаа јаболка врз Владата и скршија една светилка, што беше повод полицијаците кои се таму да ја засилат опремата и да навлечат панцири, но тоа траеше кратко, по што протестот продолжи во мирна и достоинствена атмосфера.

На заштитната ограда пред Владата беа поставени листови хартија со испишани слогани „Слобода за Љубе“ и „Слобода за Македонија“, а дел од присутните носеа маички со овие слогани.

Пред крајот на собирот, меѓу песните кои се пуштаа, беше и композицијата на македонската алтернативна рок група „Верка“, со наслов „Црно оро“, како парабола за орото кое, како што нагласија присутните граѓани, ќе го води министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...