Во „Орце Николов“ за 285 места се пријавиле 337 ученици со просечен успех 5,00

Извор: Фејсбук страница на СУГС „Орце Николов“-Скопје

За 285 слободни места во скопската гимназија „Орце Николов“, во првиот уписен рок  се пријавиле 353 ученици. Од нив, дури 337 се со просечен успех 5,00, а останатите се исто така со одличен успех. Кандидати со многу добар успех, нема. Ваков интерес за во оваа гимназија немало досега, вели директорот Митко Димовски, кој додава дека најверојатно ќе има квалификациски тест за да се изврши селекција на кандидатите, бидејќи нема да можат сите да бидат примени.

„Учениците се пријавија, а денеска и утре мора да ги донесат документите за да ја провериме автентичноста на она што е внесено во систем. Денес и утре вршиме проверка, а потоа ќе знаеме дали ќе има квалификациски тест. Согласно конкурсот, тој треба да се одржи на 20 јуни“, информира Димовски.

Конечната листа на примени кандидати ќе биде објавена на 18 јуни во 9 часот. Најголем интерес има за едната француско-македонска паралелка (билингвална), како и за трите англиско-македонски паралелки.

Во средното стручно училиште „Михајло Пупин“, најголем интерес има за насоката Компјутерска техника и автоматика, каде што за 136 места, се пријавиле 182 ученици.

„Оваа година речиси сите ученици се скроз одлични, а има и неколкумина со по една четворка. Бројката на тој смер веќе е пополнета“, вели Димитар Ѓорѓиев, директорот на училиштето.

Во училиштето има слободни места во паралелките за енергетика, елетктроника и телекомуникации и ЕВН паралелката.

Уписите за во средно училиште годинава за прв пат се реализираа по електронски пат. Сепак, учениците освен електронски, мораат денес и утре да ги донесат хартиените документи на увид во училиштето. Ако во некои училишта има повеќе пријавени ученици отколку слободни места, ќе биде организирано квалификациско тестирање кое ќе послужи за селекција. Лани ваков тест имаше во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“. Учениците полагаа биологија и хемија на материјалот од осмо и од деветто одделение. Прашањата, односно тестовите ги изготвуваат вработени во Бирото за развој на образованието.

Пишува: Антонија Поповска