fbpx

Русија ги призна двете пара-држави отцепени од Украина, Западот воведува санкции

-

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа ја потпиша одлуката за признавање на независноста на двете пара-држави – Народните републики Луганск и Донецк и со тоа отвори ново поглавје од украинскиот конфликт започнат во 2014 година. Тој го потпиша и декретот за испраќање на руски војници таму. Русија за денеска го најави потпишувањето на договорите за соработка со лидерите на двата украински региони коишто се под руска контрола.

Веднаш по ваквите одлуки на Русија, реагираше украинскиот претседател Володимир Зеленскиј, којшто го свика Советот за национална безбедност и одбрана. Тој го оквалификуваше потегот на официјална Москва како кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, додавајќи дека последиците од овие одлуки ќе бидат на политичкото раководство на Русија.

„Тоа ги поткопува мирните напори и ги уништува постоечките преговарачки формати. Со денешните и утрешните можни решенија Русија ги легализира своите трупи кои  всушност се наоѓаат во окупираните делови на Донбас од 2014 година. Земја која осум години ја поддржува војната, не може да го одржува мирот, како што таа тврди“, истакна украинскиот претседател.

Од Министерството за надворешни работи на Украина соопштуваат дека со преземените дејствија руската страна грубо ги прекрши основите на меѓународното право, Повелбата на ООН, ги наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамки на нејзините меѓународно признати граници.

„Оваа одлука нагло ја зголемува ескалацијата на ситуацијата и може да значи еднострано повлекување на Руската Федерација од договорите од Минск“, се наведува во соопштението на украинското МНР.

Официјален Киев инсистира на примена на строги санкции против Русија, со цел да се испрати јасен сигнал за недозволивоста на натамошна ескалација на конфликтот.

Советот за безбедниост на Обединетите Нации одржа вонредна седница веднаш по руската одлука. Украинскиот амбасадор во ОН, Сергеј Кислитсја ја повика Москва да ја поништи одлуката за признавање на двете пара-држави и да се врати на преговарачка маса.

Американската амбасадорка во Обединетите Нации, Линда Томас Гринфилд ја отфрли изјавата на Путин дека руската војска во Донецк и Луганск ќе има миротворна улога.

„Ги нарекува единици за одржување на мирот. Тоа е глупост. Знаеме што се навистина“, кажа Томас Гринфилд.

Американскиот претседател Џо Бајден веднаш по одлуката на Русија за признавање на двете пара-држави ја потпиша извршната уредба за воведување санкции кон официјална Москва. Со неа се забранува вложување, трговија и финансирање на САД со двата отцепени региона од Украина.

Тој рече дека со ваквата уредба се спречува Русија да профитира од кршењето на меѓународното право.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе одржат итен состанок по одлуката на Москва за признавање на двете пара-држави, при што министрите на Франција, Финска, Литванија и Словачка веќе излегоа со изјави дека дополнителни санкции на ЕУ кон Русија се неопходни.

Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека Обединетото Кралство ќе воведе санкции против руското ирационално однесување. Тој најави дека санкциите ќе ја погодат Русија и уште повеќе ќе следат доколку Русија изврши инвазија на Украина.

„Ова е само првиот од низата санкции, бидејќи веруваме дека уште поголемо руско ирационално однесување допрва ќе следи“, изјави Џонсон.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...