„Скопје живее во епидемија на сообраќајно насилство“: Вo среда 89-та велосипедска Критична маса

Фото: НаТочак

Велосипедистите од иницијативата „НаТочак“ во среда ќе ја возат 89-та Критична маса по улиците низ Скопје во знак на протест против пасивниот однос на локалната власт за преземање мерки за унапредување на очајната безбедност на улиците во главниот град. Возењето ќе започне во 17:30 часот од плоштад Македонија.

Од оваа иницијатива велат дека „Скопје живее во епидемија на сообраќајно насилство“ и дека е потребна „вистинска политичка визија за промена, а не нови жртви“.

Оттаму прашуваат „уште колку жртви треба да видиме на улиците и пешачките премини за локалната власт да се освести“ дека се потребни итни мерки и дека „не постои ништо поважно од човечкиот живот“.

Како што велат нивниот концепт наречен „Визија Нула“ подразбира дека само една жртва е доволна за да се вклучи аларм.

Од иницијативата „На Точак“ твртдат дека пред повеќе од 20 дена испратиле прашања до сите градоначалници во Скопје, како и до градоначалничката Данела Арсовска за тоа што планираат да преземат за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Тие предложиле и конкретни мерки како намалување на брзината на моторниот сообраќај, подобрувања на дизајнот на сообраќајната инфрастуктура или ограничување на брзината со прогласување на Зона 30.

Досега, ниту една општина не дала одговор на нивните прашања.

Велосипедистите ги повикуваат сите граѓани кои се во можност и чувствуваат одговорност да се придружат на заедничко возење по скопските улици.