Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул ги прими на посета сите монаси и монахињи под духовно раководство на епископот Антаниски Партениј, информираат од Бигорскиот манастир. На приемот кај Вартоломеј биле монасите и монахињите од четири манастири: Бигорскиот, Рајчица, Пречиста и Кнежино, со благослов на Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј.
Грчкиот православен сајт Ромфеа.гр по приемот во Фанар пренесува оценка дека овој чин е голем чекор за решавање на црковното прашање и признавање на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Вселенската патријаршија.
Ромфеа.гр додава дека приемот на епископот Партениј кај патријархот Вартоломеј доаѓа само неколку дена откако Вартоломеј ја посети Атина, каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена Литургија во црквата Свети Пантелејмон, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним.
Од Бигорскиот манастир во официјалното соопштение објавено на нивната веб-страница наведуваат дека приемот од патријархот Вартоломеј бил срдечен, додека монасите и монахињите предводени од епископот Партениј се поклониле на моштите на светите отци Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст, како и на светите маченички Ефимија и Соломонија и на светата царица Теофана.
„На срдечниот прием, на кој присуствуваше и почитуваниот Митрополит Халкидонски, г. Еманиул, Вселенскиот Патријарх уште еднаш ја покажа својата огромна љубов кон Црквата Божја, како вистински татко на православните. Тој изрази голема почит кон нашиот духовен татко и Старец, кој имаше посебно обраќање кон Неговата Сесветост. Пред Патријархот, исто така, беше прочитано и монашко послание од името на сите наши браќа и сестри. Потем, свое пригодно обраќање имаше и Сесветиот Патријарх, во кое ја искажа својата татковска грижа за сите нас и за Црквата наша“, се наведува во соопштението на Бигорскиот манастир.
Пред Патријархот било прочитано и монашко послание, по што пригодно обраќање имал патријархот Вартоломеј.