ФЕИТ доби две нови научни лаборатории од корист за студентите и професорите

Извор на фотографија: Министерство за образование и наука

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ доби две нови научни лаборатории коишто ќе бидат корисни за студентите и наставниот кадар на оваа високообразовна установа, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

Едната е лабораторија за испитување на електромагнетни влијанија и ќе добие поддршка за формално признавање на компетентноста, а другата е лабораторија за контрола на храна со јонизирачко зрачење и добива поддршка за одржување на техничката компетентност и воведување на нови аналитички методи.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера беше во посета на овој факултет, којшто од МОН доби поддршка за развој на двете лаборатории. На национално ниво, ова Министерство додели вкупно 224 милиони денари за развој на лабораториските ресурси во 44 лаборатории низ земјава.

„ФЕИТ станува институција која треба да биде пример за останатите високообразовни установи во државата. Јас на раководството и наставно – научниот кадар им посакав овој квалитет кој го имаат постигнато, не само да го одржуваат, туку да продолжат да го надградуваат и така да останат национален бренд кога е во прашање стручното академско образование, но и да станат препознатливи во пошироки размери, привлекувајќи го вниманието и интересот и на странски студенти“, рече Царовска.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски изјави дека добиените акредитации на студиските програми го потврдуваат високиот квалитет на образовниот процес на ФЕИТ. Добиениот Извештај од меѓународни експерти покажал дека структурата на студиските програми и резултатите кои се постигнуваат (знаење, вештини и компетенции на студентите), расположливите ресурси на ФЕИТ, релациите со општеството и механизмите за обезбедување квалитет се на ниво на европските високо-образовни институции.